Во контекст на вчерашните јавни настапи поврзани со измените на Законот за Влада, сведочиме на сериозна конфузија, некоординираност и очигледен раскол во редовите на СДСМ, истакна на прес-конференција Никола Мемов од Движење ЗНАМ за Наша Македонија.
-Во текот на само еден ден, од иста политичка адреса стигнаа различни, меѓусебно неспоиви пораки. Наместо јасно дефиниран став и политичка конзистентност, јавноста доби изјави што се разликуваат и по содржина и по насока, оставајќи впечаток дека во рамки на СДСМ не постои единствен пристап, ниту координација околу клучните прашања во државата. Имено, Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во посета на оризопроизводителите во Кочанско, одговарајќи на новинарско прашање, изјави – цитирам: „Ние никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието… Ние ќе излеземе и нема да учествуваме во работата на работната група за Изборниот закон. Не во работата на Собранието“, вели Мемов.
Само неколку часа подоцна, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување на тема на денот на Сител ТВ, остави отворена сосема поинаква опција: „Другите механизми ќе ги најавуваме така како што ќе доаѓа моментот. Во демократијата ниедна демократска метода не се исклучува, ќе се превземаат секако и други чекори кои се можни…“
-Дополнително, чувствуваме обврска да ја информираме јавноста во однос на тврдењата на Оливер Спасовски дека немало комуникација и дебата за Законот за Влада. Таквото тврдење не соодветствува со фактите. Господинот Спасовски беше директно вклучен во процесот, учествуваше на работните средби организирани од Министерството за јавна администрација,
лично му беа доставени предлог измените и имаше целосна можност активно да се вклучи со свои предлози и забелешки. Оттука, кога вчера се пласира теза за наводен недостаток на дијалог, а паралелно се најавуваат „други можни чекори“ и се остава простор за различни форми на политичко делување, неизбежно се наметнува впечаток дека станува збор за обид за редефинирање на сопствената позиција пред јавноста. Тоа не придонесува кон сериозна политичка дебата, туку отвора сомнеж за недоследност и за свесно креирање на наратив што не е во согласност со реалниот тек на настаните, вели Мемов.
ЗНАМ прашува јавно:
Кој ја кажува вистината?
Кој е релевантниот став на СДСМ?
Кој ја води политиката на партијата – претседателот или координаторот?
Има ли кормилар на бродот СДСМ?
-Кога во рок од неколку часа имате две различни пораки за клучно државно прашање, тогаш станува јасно дека СДСМ не само што нема јасен став, туку нема ниту внатрешна усогласеност околу сопствените позиции. Свесни сме дека расколот во СДСМ е очигледен. Свесни сме дека постојат внатрешни фракции и борба за влијание. Но она што не смееме да го дозволиме е таа нивна внатрешна нестабилност да се пренесува како политичка неизвесност во државата. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија постави низа суштински прашања во интерес на јавноста. Наместо одговори, добивме молк, контрадикторности и дополнителна конфузија, вели Мемов.
Токму затоа, денес повторно ги поставуваат истите прашања:
1.На што се должи ваквиот пристап на СДСМ и дали зад него стои намера за блокада на процесите, вклучително и работата на работната група за Изборниот законик?
2. Дали ова е вовед во пошироко сценарио кое подразбира напуштање на законодавниот дом и доведување во прашање на нормалното функционирање на институциите?
3.Дали вистинската причина е избегнување на соочување со граѓаните на избори на кои се очекува катастрофален пораз на СДСМ?
4.Дали станува збор за однапред подготвена стратегија за зачувување на внатрешните позиции и влијанието во партијата, наместо за конструктивно учество во демократските процеси?
-Ова се прашања на кои јавноста има право да добие јасен и искрен одговор. Секое нивно избегнување ја продлабочува дилемата за вистинските намери и насоката на делување на СДСМ. Ова што во моментов го гледаме не е изолиран случај, туку препознатлив образец на однесување на СДСМ. Преку контрадикторни пораки се создава перцепција на криза, се отвора простор за политичка неизвесност и се тестира јавноста за можни понатамошни чекори, од делумна блокада до порадикални сценарија. Таквиот пристап не е одговорен и не придонесува кон стабилноста на институциите. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија останува цврсто на ставот дека институциите мора да функционираат непречено, ослободени од дневно политички калкулации. Собранието треба и мора да биде место на аргументирана дебата и носење одлуки во интерес на граѓаните, а не простор за политички маневри. Остануваме доследни на реформите, како и на мисијата за стабилна, функционална и европска држава, посочува Мемов.
