На денешната прес-конференција Мемов го обвини кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ, Мартин Костоски за лажен патриотизам и за непотизам.
– Овој човек ја започнува својата кариера со седење во кабинетот на побратимот Зоран Давидовски – Циц, градоначалник на Куманово. Костовски преку ноќ станува пратеник во Собранието на Република Македонија, а потоа и директор на Јавното претпријатие Службен весник. Наместо да го почитува Уставот, тој стана алатка за негово уривање. Истовремено, Костовски објави Закон за употреба на јазиците без потпис на Претседателот на државата, што претставува директно кршење на Уставот и тешко кривично дело – злосторничко здружување и напад врз уставниот поредок на државата. Истиот човек ја легализираше капитулацијата на Македонија преку објавување на таканаречениот Преспански договор повторно, без потпис на Претседателот, спротивно на законот. Овој е лажен патриот – гласен само кога треба да се продадат националните интереси, молчи кога треба да се зборува за криминал, сиромаштија, невработеност и за понижување на македонскиот народ – рече Мемов.
Тој додаде дека Костоски немал ниту визија ниту пак некаков успех, но дека имал цела армија на вработени роднини и пријатели, платени од народните пари.
– Ова не е политика. Ова е кариера на еден политички паразитизам. Само штета, само лаги, само штитење на своето семејство и политичко гнездо. Дозволете да ви ја претставам фамилијарната шема на Костовски: мајка – вработена во Јавното претпријатие „Пазари“; тетка – вработена во Министерството за одбрана, каде во кратко време ја дочека пензијата; сопруга, вработена во Општина Куманово, а потоа префрлена во Министерството за надворешни работи. Кумашини, кумови, пријатели – низ државни институции и јавни претпријатија… Кумот, советникот, жената на кумот, двоградинка, другарите, професорите и директорите, сопругите, тетките и браќата- сите згрижени преку преговори. Цела фамилија на грбот на народот. Ова беше владеење на самото Куманово во минатото, приватна мафија на буџетски платен список – рече Мемов.
Мемов посочи дека македонскиот народ не заслужувал ликови како Мартин Костовски.
– Судбината на овие локални избори ќе донесе политички крах во Куманово. На претстојните избори нема спас за нив со сликање и со празни флоскули. Кумановци ќе возвратат со казна – уште помасовна, уште потешка. Куманово повторно ќе го порази овој криминален картел. На претстојните локални избори, СДСМ нема да биде казнет, туку ќе биде избришан од политичката мапа. Ќе биде избришан од политичката мапа на Куманово. Затоа што народот памети, народот гледа и овој пат народот ќе зборува преку гласачкото ливче – подвлече тој.