Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија реагираше на обвинувањата што СДСМ ги упати кон претседателот на движењето, Максим Димитриевски, оценувајќи дека станува збор за неосновани напади без аргументи и докази, насочени кон дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, сопствениот политички и економски дебакл на СДСМ.

Од ЗНАМ посочуваат дека СДСМ повторно настапува со навреди, конструкции и популистички флоскули, наместо со факти и аргументи.

„СДСМ, тргнувајќи од сопственото искуство, мисли дека секој што е на власт краде и се бори за привилегии. Наместо факти и аргументи, повторно настапуваат со навреди, конструкции и популистички флоскули“, се наведува во реакцијата.

Движењето нагласува дека Максим Димитриевски никогаш не ја криел својата лична и професионална кариера надвор од политиката, за разлика од, како што тврдат, кадри на СДСМ кои со години егзистирале исклучиво преку државни функции.

„Димитриевски е човек кој се докажал и во бизнисот и во политиката, со јасен став и интегритет“, велат од ЗНАМ.

Во соопштението се наведува и дека, за разлика од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Димитриевски нема ниту еден корупциски скандал зад себе, ниту бил поврзан со афери поврзани со вакцини, изградба на болници или криминални јавни набавки.

„За разлика од двоецот Заев–Филипче, кој ги трошеше народните пари по луксузни јахти и забави низ светот, Димитриевски нема ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се вели во реакцијата.

Од ЗНАМ ги отфрлаат и наводите за „луксуз“, „тендерска коалиција“ и наводно расипничко трошење, оценувајќи ги како клевета. Според нив, токму СДСМ ја задолжила државата со милијарди евра и оставила зад себе бројни корупциски афери без одговорност.

Од движењето уверуваат дека сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски, транспарентно и под надзор на надлежните институции.

„ЗНАМ останува доследен на принципите на отчетност, одговорно управување и крај на партиските монополи. За нас, политиката не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, порачуваат од движењето.

На крајот, од ЗНАМ наведуваат дека граѓаните, според нив, јасно препознаваат кој ја довел државата во економска и институционална криза, а кој нуди поинаков политички пристап.