Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира во однос на вчерашниот инцидент по седницата од која известувал новинарот Мартин Арсов од ТВ Сител и бара од администрацијата на Градот да го расчисти случајот до крај за да нема шпекулации во јавноста, но и ризик од слични инциденти во иднина, пренесува Slobodenpecat.mk.
Според изјавата на Арсов, тој откако завршил со вклучувањето во живо во вестите на ТВ Сител, бил навредуван и физички нападнат од страна на лицето задолжено за односи со јавност во Град Скопје, Кристина Депо, за што тој објави: „Откако завршив со вклучувањето, ми рече дека е незадоволна оти сум кажал само дел од соопштението што го напишала, а не целото. Кога се доближив до неа, замавна и ми го удри телефонот“.
До ЗНМ денеска пристигна демант од Град Скопје со изјава од портпаролката Депо во која се отфрлаат тврдењата на Арсов во врска со инцидентот.
„Во конкретниот случај за настанот кој се случи на 31.08.2023 година околу 16:22 часот во Советот на Град Скопје новинарот Мартин Арсов буквално изнесе лаги во средствата за јавно информирање клеветејќи ме мене, Кристина Депо дека бил физички нападнат. Јас и Градот категорично ги отфрламе изнесените лаги од страна на новинарот Мартин Арсов, вели портпаролката во нејзината изјава.
ЗНМ укажува дека службениците одговорни за односи со јавноста на градската администрација треба да одржуваат коректен пристап во комуникацијата со новинарите со цел градење меѓусебна доверба и почит, во интерес на информирањето на граѓаните.
„Тие како и сите останати службеници од централната и локалната власт не смеат да се ставаат во улога на рецензенти во искажаните зборови на новинарите зошто на тој начин се прави притисок во известувањето и се оневозможува професионалното работење. Доколку било кој службеник има забелешки за работата на новинарите на располагање ги имаат само регулативните механизми каде може да достават претставка до Советот на честа при ЗНМ или Советот за етика на медиумите во Македонија. Истовремено укажуваме и на новинарите дела доколку сериозно им се попречува работата или пак се предмет на физички напад, случајот веднаш да го пријават во ЗНМ и во Министерството за внатрешни работи со цел да следат соодветни постапки за утврдување на одговорност. Потсетуваме дека загрозување на сигурноста на медиумските работници во професионално вршење на новинарска дејност со последните измени од законот претставуваат кривично дело, се наведува во реакцијата на ЗНМ.