Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), постапувајќи по предлог на Советот на честа при ЗНМ, донесе одлука за исклучување на Зоран Божиновски од членството на ЗНМ поради прекршувања на повеќе членови на Етичкиот кодекс на новинарите. Одлуката е донесена поради тешки и повторливи повреди на Етичкиот кодекс – преку серии неодамнешни објави што поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и го нарушуваат угледот и приватноста. Освен ова, овие објави иницираат малициозни коментари со што се поттикнуваат и охрабруваат други лица да шират говор на омраза и закани, а на тој начин се создава непријателска средина и се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките.
Советот на честа при ЗНМ, следејќи го Статутот и Правилникот за работа, по разгледување на пет доставени претставки до ЗНМ од страна на новинарките Жана Божиновска, а во име на Мирослава Симоновска, потоа од Јована Костадиновска, Анета Андонова, Сашка Цветковска и Мери Попова, одлучи дека Зоран Божиновски грубо ги прекршил член 10, член 15 и член 16 од Кодексот на новинарите. Врз основа на тоа, Советот даде предлог за исклучување, кој беше прифатен од Управниот одбор на ЗНМ.
Зошто е донесена оваа одлука? ЗНМ има обврска да ги штити професионалните стандарди и безбедноста на своите членови. Нормализирањето на вознемирувањето и јавните понижувања – особено кога се насочени кон жени – директно ја поткопува слободата на изразување, ја нарушува довербата во медиумите и ги обесхрабрува новинарките да бидат гласни и присутни во јавната сфера.
Кои се последиците ако ова не се третира соодветно? Игнорирањето на ваквите појави води кон зголемена неказнивост, ескалација на онлајн и офлајн напади, самоцензура и системско потиснување на женските гласови во медиумите, што е штетно за јавниот интерес и демократскиот дискурс. ЗНМ потсетува дека согласно измените на Кривичниот законик од 2023 година, загрозувањето на сигурноста на медиумските работници претставува кривично дело, за кое веќе постои и судска пракса.
Укажуваме дека секој член на ЗНМ при зачленување потпишува изјава дека ќе ги почитува одредбите на Етичкиот кодекс. Согласно член 20 од Статутот, член против кого се поднесени и прифатени претставки за сериозни прекршувања на Кодексот може да биде исклучен од здружението, а со тоа да ги изгуби бенефитите од членството – правна помош и застапување, право на добивање и користење новинарска легитимација (национална и меѓународна, согласно правилата), учество во органите и програмите на ЗНМ, пристап до обуки, мрежи и други членски услуги.
ЗНМ, како најстара професионална организација на новинари во земјата со 79-годишна традиција, останува на страната на професионалното новинарство и на сите новинар(к)и кои со интегритет и одговорност ја вршат својата работа во интерес на јавноста.
Преземено од ЗНМ