Неретко, во трамвај, на предавање или едноставно – на улица, луѓето, најчесто непознати, зјапаат еден во друг, дури и без да го сакаат тоа. Се поставува прашањето – зошто?

Во потрага по одговор, научници од Универзитетот во Лондон спровеле истражување во коешто ги следеле движењата на очите на човекот додека тој / таа гледа во други луѓе. Клучното нешто, во таа смисла, е дека она што го следиме кога внимателно зјапаме во некого е „невербалниот говор“ на личноста. Со други зборови, се трудиме да добиеме што повеќе информации за „нашата цел“ на зјапањето.

По сѐ, изгледа, невербалната комуникација на нашето тело, особено лицето и очите, се богат извор на информации за нас. А, зошто некој случаен минувач би го интересирало каков е странецот спроти него / неа?

И тука, се чини, одговорот е едноставен, велат стручњаците – зашто така учиме. Набљудувањето на другите е главниот начин на којшто човекот учи. Поточно, љубопитноста од овој вид е, просто – еволутивно одредена.

Невообичаената работа е што може да станеме свесни за зјапањето од другиот и пред да го видиме тоа – и без да го крене погледот, некако човекот одеднаш добива сигурно чувство дека некој гледа… Ја врти главата и – некој навистина гледа. Но, тоа не значи дека набљудуваниот има шесто сетило.

Објаснувањето повторно лежи во еволуцијата.

Има две гледишта на човековата еволуција коишто придонеле за способноста брзо да откриеме дека некој гледа. Првата е поврзана со физиономијата на човечкото око. За разлика од повеќето животни, човечкото око има многу голема белка – тоа овозможува подобро разликување на правецот на погледот на другите луѓе врз основа на положбата на зениците. Затоа, дури и на големи растојанија, може со сигурност да се согледа кога некој гледа некого.

Благодарение на периферниот вид, сепак, може да го видиме тоа и без да сме директно свесни за тоа, што е последица на еволутивното прилагодување и реагирање во случај на можна закана.

Воспоставувањето контакт со очи отсекогаш било битно за луѓето. Тоа е клучен извор за намерите, вкусот и чувствата на другите луѓе. Во таа смисла, тоа е најмоќниот невербален човеков сигнал. Поради ова, нашиот мозок е постојано во состојба да го забележи погледот на другите луѓе.