1000 учесници од 76 држави пристигнуваат во Скопје. По многуте контроверзии кои претходеа на голеиот настан кој не очекува конечно доаѓа „Денот Д“ и големиот министерски состанок во СЦ „Борис Трајковски“.

Редакцијата на Радио Лидер направи краток осврт на настаните, што се случува денес, но и што претходеше на овој семинар.

Сите очи се вперени кон настанот кој деновиве се одржува во Скопје. Македонија годинава е претседавач со ОБСЕ, а околу 1000 учесници делегати од 76 држави ќе бидат на семинарот во нашиот главен град каде главни ѕвезди се рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

Според Османи ова е најзначаен меѓународен собир одржан во земјава, а Спасовски вели дека се е подготвено за овој настан.

„Повеќе од сигурен сум дека на најдобар начин ќе се прикажеме како служба и како држава. Огромни надежи се ставени на Северна Македонија. Ова е сериозен предизвик за службата и за државата. Многу е важно како нѐ перцепираат на ниво на меѓународна заедница. Вчера учествував на конференција во Брисел, во Европската Комисија, каде што оценката за МВР е во суперлативи за сите достигнувања, за професионалноста на полицијата, и тоа пред министри од целиот свет. Перцепцијата укажува на тоа дека Република Северна Македонија има сериозен кредибилитет и капацитет, меѓу другото и поради Самитот на ОБСЕ во Скопје. Тоа во дипломатијата се толкува како почеток кога сите седат на иста маса. Затоа одговорноста е уште поголема сѐ да помине во најдобар ред. МВР е подготвено за предизвикот”, рече министерот Спасовски.

Овој самит не е како сите други. Она што му дава посебен белег е што на него ќе присуствуваат и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, иако нема најава дека во Скопје би имало нивна заедничка средба.

На прашњето дали може да дојде до средба меѓу „главните ѕвезди“ од Стејт Департментот дадоа краток одговор.

„Не очекуваме средба“, потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.

За оваа средба се огласи и руската министерка Захарова која вели дека многумина поднеле барање за средба со Сергеј Лавров.

„Навистина можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби. Ќе има и мултилатерални средби“, рече Захарова на брифинг со новинарите.

И балтичките земји ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје, а во соопштението порачаа дека не можат да седнат на иста маса со, како што наведоа, „агресорот“ и дека местото на Лавров е во специјален трибунал.

Присуството во Скопје го откажаа и Естонија, Латвија и Литванија.

Американскиот државен секретар Блинкен денеска од Брисел доаѓа во Скопје и попладне ќе има билатерална средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ќе присуствува и на работна вечера што на маргините на состанокот ќе биде приредена за шефовите на дипломатиите на државите-учеснички во ОБСЕ.

„За време на посетата на Северна Македонија, секретарот Блинкен ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ, реафирмирајќи ја цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога“, се неведува во најавата на Стејт департментот за тековната посета на Блинкен.

Главниот настан ќе се одржува во спортската сала „Борис Трајковски“ пред почетокот на Самитот на ОБСЕ е највисоко ново. Ова е најголем политички настан во Македонија. Досега ваков голем настан беше од светот на спортот кога во Скопје се играше Супер купот.

Пресинг.мк објави фотографии од објектот денеска.

Бујар Османи објави и видео од спортскиот центар Борис Трајковски кое може да го погледнете во продолжение.

Контроверзии за министерскиот состанок

Во пресрет на оваа конференција да се потсетиме дека претходеа многу контроверзии. Се започна со тендерот вреден 1,8 милиони евра кога градежната фирма „Еуровиа“ од Желино ја доби оваа организација од Министерството за надворешни работи за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Сепак, министерската конференција на ОБСЕ која ќе се одржи во Скопје сѐ уште нема јасна сума. По завршувањето на настанот ќе стане јасна точната сума на јавните средства што треба да се потрошат.

Претходно, министерот Бујар Османи изјави дека ќе се потрошат помалку од планираните пет милиони евра. Тој нагласи дека трошоците за претседавањето со ОБСЕ ги сноси земјата домаќин, при што во текот на годината се обезбедени околу половина милион евра од Секретаријатот на ОБСЕ, пред сѐ за настани што се одржуваат во Виена, Прага и Варшава.

За контроверзниот тендер кој наиде на критики во јавноста, Османи увери дека МНР мора да ја спроведе оваа акција, нарекувајќи ја како „рамковен договор“ или, како што рече, „резервен план“.