Почина 12-годишното дете кое по 296 часа денес беше извлечено од урнатините во Турција. Како што јави „Ал Џезира“ детето починало во возилото на Итната помош, а неговите родители кои, истотака, беа спасени денес се во стабилна состојба.
Според информациите станува збор за петчлено семејство. Спасената брачна двојка имала уште две деца кои за жал, веќе биле починати под урнатините пред да пристигнат спасувачите.
Во Сирија и Турција сè уште траат напорите за извлекување на преживеаните од урнатините, но фокусот полека се насочува кон хуманитарната помош.
Турската влада посочува дека најмалку 84.000 згради, со повеќе од 332.000 станови, се уништени или оштетени до тој степен што не можат да се користат.
Областа во Турција која беше погодена од земјотресот е дом на 14 милиони луѓе, што е 16 отсто од вкупното население.
Сè уште нема официјални податоци за бројот на раселените луѓе во Турција, но потпретседателот на земјата рече дека повеќе од еден милион луѓе се во шаторски кампови.
Кога станува збор за Сирија, ОН проценуваат дека 5,3 милиони луѓе се бездомници.