Најмалку 53 сириски работници се убиени во напад што им се припишува на припадниците на Исламската држава во централна сириска пустина, објави државната телевизија.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

„Педесет и три лица кои бараа тартуфи се убиени во напад на терористите на ИД југоисточно од градот Сохна, во источниот дел на провинцијата Хомс“, објасни државната телевизија.

Сириската опсерваторија за човекови права претходно објави дека загинале 36 лица, а другите работници успеале да побегнат.

Во Сирија од 2011 година беснее граѓанска војна, која започна по репресијата врз продемократските активисти. Половина милион луѓе се убиени, а милиони се раселени.