Владата отвора прифатилишта и подготвува финансиска помош за семејствата

Бројот на загинати во катастрофалниот пожар што го зафати станбениот комплекс „Ванг Фук Корт“ во Хонг Конг се искачи на 128 лица, соопштија властите на денешната прес-конференција. Пожарот, кој бил целосно изгаснат околу 10:18 часот по локално време, зад себе остави најмалку 79 повредени, додека десетици жители и понатаму се водат како исчезнати.

Властите информираа дека 16 тела сè уште се наоѓаат во објектите, а 89 од досега пронајдените жртви не се идентификувани. За идентификација ќе бидат користени повеќе методи, меѓу кои и ДНК анализа, потврди Би-би-си.

Алармите не работеле

Противпожарната служба утврдила дека алармите во сите осум станбени блока не функционирале ефикасно, потврдувајќи ги претходните сведоштва на дел од станарите. Шефот за безбедност, Танг Пинг-Кеунг, изјави дека брзото ширење на огнот се должело на стиропорот поставен надворешно на прозорците, кој дополнително ја засилил експанзијата на пожарот.

Огнот започнал од пониските катови и бргу се искачил кон повисоките нивоа. Температурата достигнала 500°C, поради што локални жаришта повторно се активирале и по првичното гаснење. И покрај изгаснувањето, делови од комплексот и денес се со температури над 200°C.

Во акцијата за гаснење и спасување биле ангажирани 391 противпожарно и 188 амбулантни возила, а учествувале повеќе од 2.311 пожарникари, од кои 12 се повредиле при интервенцијата.

Властите потврдија дека не биле користени хеликоптери, бидејќи воздушното полевање со вода не е ефикасно за пожари во затворени простори. Не биле применети ниту дронови, но се разгледуваат можности за нивна примена во идни операции.

Во потрагата по преживеани биле претресени повеќе од 1.018 станбени единици. Полицијата денеска започнува со собирање докази во објектите, а истрагата се очекува да трае три до четири недели.

Паралелна истрага

Покрај истрагата за причините на пожарот, ICAC ќе води паралелна постапка по апсењето на три лица поврзани со реновирањето на комплексот.

Владата на Хонг Конг најави „различни шеми“ за финансиска поддршка на семејствата кои ги загубиле своите домови. Дополнителна прес-конференција ќе биде одржана за деталите за економските мерки.

Отворени се прифатилишта и центри за поддршка во Таи По, каде што се обезбедуваат субвенции, помош за сместување и основни хигиенски потреби. Волонтери и владини тимови веќе работат на прибирање и организирање на донации за погодените.