140 ученици од основните училишта од Кисела Вода заминаа на седумдневно, целосно бесплатно летување во одморалиштето „Детски радости“ во Св. Стефан, Охрид.
За нивната безбедност и убаво поминато време ќе се грижат наставници, аниматори, рекреатори, како и доктор кој ќе внимава на нивното здравје.
Како што информираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски овој проект кој го започнале е значаен чекор кон унапредување на квалитетот на животот на децата од социјално ранливи категории.
Станува збор за ученици од семејства кои примаат социјална помош, еднородителски семејства или семејства со ниски приходи и со оваа мерка, како што вели Ѓорѓиевски, им овозможуваат еднакви можности и радости какви што имаат и нивните врсници.
Тој нагласи дека за новата учебна година, повторно обезбедиле ранчиња и училишен прибор за сите првачиња, додека сите основци ќе добијат и бесплатни униформи.
„Го продолжуваме и проектот за бесплатни часови по странски јазици, компјутерска технологија и спорт за децата од социјално ранливи категории, истакна градоначалникот.