Гоце Делчев – симбол на македонскиот идентитет
Со повик за национално обединување и зачувување на идеологијата на Гоце Делчев, денес беше одбележана 153-годишнината од раѓањето на најголемиот македонски револуционер. Владината делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, му оддаде почит на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“.
– Делчев е наш великан и дел од македонскиот идентитет – истакна премиерот, нагласувајќи ја важноста на неговото дело за иднината на земјата.
Лидерот на СДСМ повика на обединување
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање повика на надминување на разликите и заедничка борба за попросперитетна Македонија. Според него, духот на Делчев треба да нè води кон обединување и национален напредок.
153 години од раѓањето на Гоце Делчев: Низа свечености во текот на денот
Во чест на револуционерот, во црквата „Св. Спас“ беше одржана панихида. Во текот на целиот ден, граѓаните имаат можност да му оддадат почит на човекот кој го постави темелот на македонската борба за слобода.
Без заедничко чествување со Бугарија
Официјална Софија изрази незадоволство од отсуството на заедничко чествување, но премиерот Мицкоски изјави дека токму Бугарија е таа што прва не го испочитувала договорот за добрососедство.
– На процесот на уставните измени треба да му се даде шанса, но нема да прифатиме сè што ќе ни биде ставено на маса – додаде премиерот, нагласувајќи ја посветеноста на Владата за подобра преговарачка рамка со ЕУ.
Од друга страна, лидерот на СДСМ очекува Владата да го исполни ветувањето за подобри услови во европските интеграции.
– Нашиот мандат е четири години, ќе се бориме за подобра позиција и ќе го вратиме тоа што претходната власт го распродаде – заклучи Мицкоски.