Вработување на неопределено време за медицински персонал во Тетово

Во Клиничката болница во Тетово, 155 лица ќе добијат вработување на неопределено време, информираше министерот за здравство, Азир Алиу. Станува збор за лекари, медицински сестри, хигиеничари и друг персонал, кои досега немале траен работен ангажман.

Според министерот, со овој потег се решава проблем кој со години бил занемаруван. Тој посочи дека некои од овие лица со години работеле без решен статус и оцени дека нивната неизвесност конечно завршува.

Министерот Алиу ја обвини опозициската ДУИ за долгогодишно игнорирање на проблемот со вработувањата во здравствениот сектор. Тој ја искористи можноста да им одговори на критиките кои пристигнале од страна на опозицијата.

„Денеска ја држиме оваа прес-конференција затоа што имаме што да покажеме – резултати, решенија и одговори на сите отворени прашања. А тие што направија – седат по ќошиња, задскриени зад тастатурите и шират лаги за да ги покријат сите зулуми и срамоти што ги оставија на граѓаните, особено во здравството. Ги слушнавте измислиците дека 155 лица од Тетово нема да се вработат. Срамота, дури и за нивниот стандард на лаги. Тоа е евтин театар за евтини политички поени врз плеќите на луѓето што со години живеат во несигурност“, рече министерот Алиу.

Тој прецизираше дека постапката за вработување на неопределено време веќе е завршена за сите 155 лица.

Алиу упати критики и кон неговиот претходник, Арбен Таравари. Обвини дека и покрај тоа што бил министер, не направил ништо во врска со овие вработувања.

„Дури кога Арбен Таравари беше една година министер, ништо не направи. Само седеше, гледаше како овие луѓе се понижуваат со привремени договори и живеат во несигурност. За жал, денес кога ние конечно донесовме решение, тие повторно покажаа дека единственото што знаат е да лажат, да манипулираат и да подметнуваат преку своите луѓе што сè уште шетаат по институциите“, изјави министерот.

Алиу додаде дека Таравари е инструмент во рацете на ДУИ.

„Тој е нивна маша, а граѓаните тоа го гледаат. Резултатите се нашиот одговор на нивните лаги“, изјави тој.

Потпишување на договорите се очекува за неколку дена

Министерот нагласи дека се работи за административна процедура, која е веќе при крај. Очекува дека договорите ќе бидат потпишани во наредните неколку дена.

„За жал, ова се административни процеси коишто траат. Ние денеска го решаваме проблемот. Административниот дел е завршен. Очекуваме за два до три дена да ги потпишат договорите“, посочи Алиу.

Тој дополни дека наскоро повторно ќе се сретне со вработените.

„Знаете дека јас првата средба ја имав во Тетово со нив. Тогаш им кажав дека решението на проблемот ќе го најдеме, и го најдовме. Верувам дека после оваа прес-конференција тие веќе се спокојни. Еве уште еднаш јавно кажувам дека многу брзо лично јас ќе одам таму да се видам со нив, за да ги добијат тие договори“, рече министерот.

Во тек е засилување на службите на Итната помош

Министерот информираше и за други процеси поврзани со здравствениот систем. Тој истакна дека се работи и на зголемување на бројот на вработените во службата за Итна медицинска помош, како и на набавка на нови амбулантни возила.

„При крај се вработувањата во таа служба. Исто така размислуваме за амбулантни возила, коишто најверојатно ќе бидат купени не само за Скопје туку и за сите градови. Во моментот бараме по електронски пат да одговорат од сите центри – колкав е недостигот и на возила и на човечки ресурси. Понатаму ќе продолжиме со постапките. Знаете дека постапката во Скопје веќе е при крај и очекуваме најверојатно за максимум десет дена да биде завршена“, соопшти Азир Алиу.