Конгресот се одржува под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ и ќе ја донесе „Стратегија Македонија 2030“
Денеска во Кавадарци се одржува 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој според најавите се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски, единствениот кандидат за лидерската позиција. На собирот, кој се одвива под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, организаторите предвидуваат присуство на околу 2.600 учесници.
Меѓу нив се очекуваат 850 до 860 делегати, како и меѓу 1.700 и 1.800 гости, а во рамки на конгресната програма треба да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.
„Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата,“ изјави Мицкоски на неодамнешниот брифинг со новинарите.
На Конгресот е предвидено и претставување на кандидатот за претседател, во рамки на кое ќе ја изложи својата визија за периодот што следува.
Мицкоски најави дека, доколку биде избран, овој мандат ќе биде негов последен, бидејќи статутарните правила дозволуваат најмногу три избори за истиот претседател.
