Шефот на државата, министри и други државни функционери утре ќе присуствуваат на одбележувањето на 19-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски во Скопје, Струмица и во Ротимље, Босна и Херцеговина, во чија близина тој кобен 26 февруари во авионска несреќа загинаа претседателот, портпаролката Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на МНР Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Во Струмица во 10 часот на споменикот на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегација од Владата предводена од Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, заедно со Борче Хаџиев – директор на Бирото за јавни набавки.

На скопските гробишта „Бутел“ во 11.30 часот, на гробот на претседателот Борис Трајковски, цвеќе ќе положат сопругата Вилма Трајковска, претседателот на Македонија Стево Пендаровски и членови на неговиот кабинет, делегација на Собранието на Македонија, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, делегација на Владата составена од вицепремиерката Славица Грковска, министерот Ристо Пенов и заменик министерот Беким Реџепи, делегација на АРМ предводена од генерал мајор Азим Нуредини, заменик началник на Генералштабот, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајквски, членови на неговиот кабинет и членови на екипажот, во 13 часот ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе владина делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на неговиот кабинет, како и претставниците од кабинетот на претседателот на Македонија, Катерина Цаневска Арсовска советник на претседателот и полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот.