Мицкоски: Во Македонија доаѓа швајцарска фармацевтска компанија, 500 нови работни места

Премиерот Христијан Мицкоски најави значајна странска инвестиција од Швајцарија, која ќе донесе неколку десетици милиони евра и над 500 нови работни места во земјата. Премиерот нагласи дека ќе бидат добро платени.

Изјавата ја даде за време на увидот на градежните работи на новата детска градинка во Инџиково, Општина Гази Баба.

„Имаме потврда од швајцарска фармацевтска компанија која ќе инвестира во Македонија. Тоа се инвестиции и нови работни места – приоритет на оваа Влада,“ истакна Мицкоски, додавајќи дека ова е уште една од „убавите вести“ кои ги соопштуваат за граѓаните во последниот период.

Во Инџиково се гради нова градинка за 48 деца

За време на увидот, премиерот се осврна и на значењето на инвестициите во социјалната инфраструктура. Новата градинка во населбата Инџиково ќе има површина од 490 метри квадратни, со висина од три метри и ќе згрижува 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.

Премиерот Мицкоски на увид на изградба на детска градинка во Инџиково

Проектот е вреден 47.508.811 денари, а средствата се обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.