Заклучно со вчерашниот ден, се пристигнати 6.500 барања за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања. Очекувам денеска и утре да пристигнат уште 200 барања, кажа министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој додаде дека согласно предвидените буџетски средства за оваа намена, која изнесува 60 милиони денари, со финансиска поддршка може да се стекнат околу 7.000 домаќинства.

Владата донесе Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година. Оттаму велат дека обезбедени се 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи, кои ќе добиваат намалени сметки за струја од 600 до 800 денари во 2022 година.

Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава за првпат воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон, се вели во соопштението од Владата.

Согласно програмата финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15.194 денари; за домаќинство со два члена до 18.000 денари; за домаќинство со три члена до 21.000 денари; за домаќинство со четири члена до 25.000 денари; за домаќинство со пет или повеќе члена до 30.000 денари.