Општина Пробиштип донесе пакет нови мерки за засилена поддршка на младите и создавање значително подобри услови за живот на своите граѓани. Во соопштението од локалната самоуправа се наведува дека овие решенија имаат за цел да обезбедат повисока финансиска сигурност, да ги поттикнат младите генерации да градат дом и иднина во градот и да создадат поквалитетни услови за развојот на децата, со што директно ќе се влијае на подобрување на демографската слика.

Примената на новите поволности официјално ќе започне од 1 јануари 2027 година. Пакетот опфаќа ослободување од комуналии, односно нула денари давачки за млади брачни парови до 35-годишна возраст при изградба на прв сопствен дом. Исто така, паричниот надоместок за трето и за секое наредно новородено дете се зголемува од досегашните 8.000 на 15.000 денари, а се обезбедува и целосно бесплатен престој во градинка за децата од семејства со три или повеќе деца, независно од месечните примања на нивните родители.

Како дел од социјалниот пакет, локалната власт предвидува и еднократна финансиска помош во износ од 10.000 денари за згрижувачките семејства, како признание за нивната општествена одговорност и хуманост.

„Бесплатните ортопедски прегледи за децата до 15-годишна возраст кои започнаа во 2026 година, продолжуваат и во 2027 година, бесплатни офталмолошки прегледи за идните првачиња, кои се задолжителни за упис во прво одделение, со цел навремено откривање и спречување на проблемите со видот, како и со цел избегнување на трошоците за патување до соседните градови. Ова не се само нови мерки, туку конкретни чекори и вложувања во луѓето, во семејството и во иднината на нашата општина“, велат од Општината.

Клучната цел на раководството е Пробиштип да биде средина во која младите ќе имаат јасна причина да останат, семејствата постојано ќе добиваат конкретна помош, а секое дете ќе расте во здраво и безгрижно окружување.

„Продолжуваме посветено да работиме за подобар животен стандард и посигурна иднина за сите наши сограѓани“, порачуваат од Општина Пробиштип.