Придонесот на генерациите инженери школувани на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се гледа каде и да одите низ Македонија, а нивниот квалитет е ценет и надвор од државните граници. На свеченото одбележување на 77-годишнината од основањето на оваа високообразовна установа, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека факултетот може со гордост да го одбележи овој јубилеј бидејќи вистинската вредност на една институција се оценува преку делата на нејзините луѓе.
Според Јаневска, Градежниот факултет успешно ги следи сите современи светски трендови, вклучително и дигиталната трансформација, зелената транзиција и климатската адаптација кои целосно го менуваат градежниот сектор. Ваквиот пристап им овозможува на идните инженери да се стекнат со знаења и вештини подготвени за одговор на сите професионални предизвици во 21 век.
„Преку научно-истражувачка работа и учество во европски иницијативи и проекти, факултетот ги поврзува науката, иновациите и практиката. Меѓународната соработка што факултетот ја негува со бројни универзитети и институции, им овозможува на студентите и професорите да бидат дел од современите градежни текови, да разменуваат искуства и да создаваат знаење применливо во реалниот сектор“, изјави Јаневска.
Министерката посочи дека Градежниот факултет има клучна улога во градењето поодржливи и поотпорни заедници, развојот на современата инфраструктура и одговорното користење на природните ресурси. Поради тоа, установата треба да продолжи со унапредување на своето академско и научно рамниште според највисоките европски стандарди.
Министерството за образование и наука останува клучен партнер во креирањето современо и конкурентно високо образование и ќе продолжи да го поддржува факултетот во заложбите за квалитетна настава, научен напредок и создавање врвен кадар, додаде министерката Јаневска.
