Белата куќа денеска одговори на новата рунда прашања за способноста на американскиот претседател Џозеф Бајден да се кандидира за реизбор со оглед на неговата возраст, велејќи дека „80-тите се новите 40-ти“.
Бајден (80), кој веќе е најстариот американски претседател, се кандидира за реизбор во 2024 година и би имал 82 години доколку победи, кога неговиот втор четиригодишен мандат ќе започне во јануари 2025 година, објави Ројтерс.
Различни анкети покажуваат загриженост на гласачите за возраста на Бајден и возраста на неговиот главен конкурент за републиканскиот кандидат, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој има 77 години.
Последната анкета на Ројтерс и Ипсос покажува дека Бајден и Трамп се изедначени на хипотетичките избори во 2024 година.
И двајцата добија по 39 отсто од гласовите, додека секој петти гласач е неопределен.
Повеќето Американци претпочитаат луѓе кои имаат 75 или помлади да се кандидираат за претседател, според претходната анкета на Ројтерс и Ипсос.
На прашањето дали претседателот е премногу стар за да се кандидира за реизбор, прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, се потсмеваше: „80-тите се новите 40-ти, не сте слушнале?“
– Истите критики беа упатени во 2019 година, истите критики беа упатени во 2020 година, истите критики беа упатени во 2022 година и секој пат кога ги победуваше своите противници – рече Жан-Пјер.