Јавното претпријатие за државни патишта спроведува јавна набавка за избор на компанија која ќе изврши санација на одроните од карпи на автопатот Миладиновци – Штип и по нејзиното завршување до средината на месецов, ќе се реализираат градежните работи.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски информираше дека на расчистување се чекало подолг период за да се обезбеди соодветно заштита на локациите и да се спречи повторување на свлечиштата.
-Не смееме да пристапиме кон брзо решение што може да биде штетно и да предизвика поголем одрон од косините на автопатот. Стручни лица и професори од Градежниот факултет направија увид и испитувања на состојбата на терен. Патот е прооден само по едната коловозна лента, но сакаме она што ќе биде санирано да биде темелно завршено и да не се повторуваат слични одрони на овие позиции, истакна министерот Бочварски.
Одронот од карпи на автопатот кон источниот регион на државата се случи по обилните врнежи од дожд на почетокот на декември минатата година. Поголеми карпи прекрија половина од коловозот од правецот на Штип, на 10 километри пред Миладиновци, поради што сообраќајот се пренасочува на една коловозна лента во должина од 150 метри.