„Сега станува многу појасно зошто толку тажно изгледа учеството на само тројца олимпијци од Македонија на зимските олимписки игри во Пекинг“.
За време на Зимските олимписки игри во Пекинг, место со резултати и достигнувања на нашите спортисти, јавноста мора да чита за трулоста во нашиот спорт изразена преку препукувања за тоа кој е крив, а кој прав.
Откако првиот човек на Скијачка федерација на Македонија, Огњан Циговски беше прозван на Фејсбук од Антонио Ристевски, кој револтиран објави каков мејл добил среде работа во Пекинг, реакција има и Циговски, кој тврди дека тоа се дезинформации.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
Почитувани,
Скиjачката Федерација на Македонија, во врска со ставовите изнесени од поранешниот македонски олимпиец, скијачот Антонио Ристевски, до јавноста ги доставува следниве информации:
Барањето за произнесување за отсуство од работа испратено до г.Ристовски беше испратено и до сите вработени кои го немаат оправдано отсуството, без исклучок и без оглед на личните и приватните достигнувања во спортот. За жал новото раководство на Федерацијата затекна ваква состојба на непочитување на професионалните работни задолженија од страна на вработените што редовно, секој месец подигаат плата. Од за нас нејасни причини, ваквата состојба била за жал толерирана од претходното раководство.
За нас е очекувано што некој, во случајов г.Ристевски, е вознемирен што му се обраќаме писмено и преку овластени правни застапници. Навикнат да се однесува неодговорно, непрофесионално и неетички кон професионалните обврски во федерацијата, наместо да одговори зошто речиси цела година зема полна плата, а го нема на работа, г.Ристевски пласира невистини и дезинформации во јавноста.
Со ваквото однесување г.Ристевки нанесува директна штета на македонското скијање бидејќи во негова директна надлежност е реализирањето или прецизно, заради неговото неработење, на нереализирањето, на Националната Програма за развој на скијачките спортови во РСМ.
Сега станува многу појасно зошто толку тажно изгледа учеството на само тројца олимпијци од Македонија на зимските олимписки игри во Пекинг. Сега знаеме и дека четвртиот македонски учесник во Пекинг, во улога на тренер, е г.Ристовски. Тој што е лично одговорен за симболичното учество на нашата земја на зимската олимпијада 2022.
Новото водство на Федерацијата ќе стави крај на сите вакви и слични девијации во работењето на секој поединец. Претходните успеси и резултати во скијачката кариера, која сега ја продолжува како тренер, го обврзуваат г.Ристевски, со целосна посветеност да им го пренесе своето знаење и искуство на генерациите што ги подготвува.
Тука мислиме особено на фер плеј односот, колегијалноста и овозможувањето на простор за реализација на мотивациите и сонот на секој млад човек што сака да успее во белите спортови.
За жал, наместо мотивација и масовна поддршка на многу млади таленти, г.Ристовски, селекторот на македонската репрезентација во алпско скијање, избрал да тренира само двајца спортисти со потенцијал да остварат забвележителни Олимписки резултати.
Скијачката федерација на Македонија нема да толерира вакво самоволие. Во нашата држава има многу талентирани деца и младинци чијашто искрена поддршка и квалитетни подготовки ќе значат многу поуспешно и позначајно учество на големите натпреварувања и резултати и успеси за Македонија во белите спортиви на задоволство на сите наши граѓани.
За крај, ќе ја искористам оваа можност, во мое лично име да ја информирам јавноста. Јас, Огњан Циговски, ги демантирам лагите на г.Ристевски поврзани со Скијачкиот центар Маврово. Имено не само што не му е забрането на ниту еден клуб да тренира, туку на ски – терените во Маврово секојдневно има клубови кои ги одржуваат своите тренинзи и тоа е евидентно и лесно проверливо. Сите тие клубови имаат целосна поддршка од Скијачкиот центар Маврово. Исто како што го поддржувавме и нашиот најголем и најдобар алпски скијач на сите времиња, со години наназад. Затоа што веруваме дека спортот е за спортистите. Притоа не само за еден (најдобриот), туку за сите.