Повеќе теми кои се од обостран економски интерес на двете пријателски земји беа тема на разгвор на денешниот работен состанок на вицепремеирот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со заменик-министерот за надворешни работи задолжен за економска дипломатија и отвореност на Република Грција, Костас Фрагојанис.

Битиќи и Фрагојанис, информираат од Кабинетот на вицепремиерот, изразија задоволство од континуитетот на позитивни промени во изминатите две години, кои се резултат на постигнатиот договор од Преспа, за многуте заеднички проекти кои се во тек и посочија дека периодот кој следи е одлична можност дополнително да се забрза реализација на стратешките проекти кои значат уште подобра економска соработка.

Заменик-министерот Фрагојанис ги пренeсе ставовите на грчката Влада, дека Република Северна Македонија може да очекува силна политичка подршка од страна на Република Грција во евро-интегративните процеси и притоа нагласи дека соработката помеѓу земјите, особено поврзано со економијата, може да се развива и надвор од рамките на договорот од Преспа, во интерес на граѓаните од двете земји.

Фрагојанис и Битиќи разговараа и за реализација на зеленото сценарио на Стретегијата за енергетика на Република Северна Македонија и за силната интенција на двете влади да придонесат кон остварување на целите од Европскиот Зелен договор, при што од грчка страна беше понудено да се сподели искуството кое тие ги имаат со привлекување и изградба на производствени капацитети од обновливи извори, особено по затворањето на термо-електраните. Максимално да се искористат обновливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата и да се зачува животната средина е заедничка цел не само на владите на двете земји, туку на цела Европа.

На состанокот беа отворени и други теми, како соработка во земјоделството и образованието, а вицепремиерот Битиќи и заменикот министер Фрагојанис истакнаа дека меѓусебната соработка ќе продолжи и понатаму и дека заеднички ќе работат на побрза реализација на отпочнатите проекти, но и иницирање на нови идеи, со кои ќе се зацврснува пријателството и економските односи помеѓу двете пријателски земји.