Поранешната пратеничка во македонскиот Парламент Солза Грчева и претседателка на партијата Глас за Македонија, смета дека пратеникот Фадил Зендели веднаш треба да биде разрешен од претседател на Комисијата за избори и именувања и час посокоро Уставниот суд да работи во полн состав.
Вели, често пати греши власта, најчесто, но и опозиција сега одбрала лош момент за да ја блокира токму таа комисија.
Лидер: Уставниот суд може да стане нефункционален, ако не се одлблокира работата на собраниската комисија за избори и именувања. Ваш став околу состојбата во Собранието?
-Срамота. Ние сме без Уставен суд. Се најавува дури отварање на Уставот, што е апсолутно недопустливо да странци ни отвараат Устав “нон-стоп“, а ние немаме ни уставни судии. Такво политизирање нема во ниту една земја. Јас не знам друга земја што е оставена без Уставен суд.
Лидер: Како да се изберат судии кога се блокира работата на Собранието, односно Комисијата за избори и именувања која дава предлог за уставни судии а понатаму се избираат на пленарна седница ?
-Се е поврзано едно со друго. Таа комисија мора да е функционална. Не може да биде нефункционална. Заради Фадил не смее да биде нефункционална. Нам ни требаат уставни судии и тоа час поскоро.
Лидер: Како да се изберат кога Зендели не ја свикува Комисијата за избори и именувања, а единствениот механизам на власта и спикерот Џафери преку кој се обидуваат да ја откочат работата на комисијата е преку неговото разрешување?
-Тој треба да биде час поскоро разрешен. Нема што да се обидува да го разреши. Како тоа се обидува да го разреши?! Ставен е во таа комисија да ја води да ја свикува, тој тоа не го прави. Не може жртва да биде Уставниот суд заради Фадил. Тој треба да биде разрешен а комисијата само да го потврди неговото разрешување и да си продолжи со некој друг. Овој процес не трпи одлагање. Не заради Фадил, туку заради немоќта на Собранието да работи според постапки и процедури.
Фадил не е крив, ќе се најде утре друг Фадил и ќе ја кочи работата. Џафери час посокро да го разреши, тој го има тоа деловничко право да го направи. Не може целото Собрание и целата држава да биде заложник на Фадил!
Лидер: Опозицијата смета дека потегот на власта е неделовнички а денеска се пријавени повеќе од 30 пратеници кои ќе дебатираат за потегот на власта.
-Јас мислам дека е деловнички и опозицијата не треба да го блокира тоа пред се заради Уставниот суд. Често пати греши власта, најчесто но и опозиција сега, мислам дека лош момент одбрала за да ја блокира токму таа комисија. Бидејќи слушам многу добри предлози за уставни судии од стана на опозицијата. Јас би сакала тие луѓе да ги видам како дел од Уставниот суд. И конечно, не можеме без Уставен суд.