Собранието денеска ќе ја продолжи 64-тата седница на која трет ден на дневен ред е Предлог-одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Движење Беса од член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Пратениците од опозицијата вчера во расправата обвинуваа за преседан со кој власта го крши собранискиот Деловник и Уставот на државата. Сметаат дека разрешувањето на пратеникот е нелегитимно, а целта e со ново комисиско мнозинство власта да постави свои судии во Уставниот суд.
За пратениците од владејачкото мнозинство, пак, одлуката е во согласност со одредби во Деловникот кои налагаат пресликување на пратеничките места од партиите во составите на работните тела.
На дневен ред на 64-тата пленарна седница се и предлог-законите за дополнување на Законот за Јавното обвинителство и за дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, Предлог-закон за изменување на Законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, Предлогот-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Предлог-декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Во Собранието за денеска е закажана и седница на Комисијата за економски прашања, на која на дневен ред се Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог-закон за изменување и дополнување на законот за јавни претпријатија и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат, сите во прво читање, како и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за концесиии и јавно приватно партнерство, по скратена постапка – второ читање.