-Знам дека имате одредени очекувања и со право. Треба да почнеме формално преговарање за пристапување на Северна Македонија и Албанија што поскоро и се надевам дека тоа ќе биде можно на следната меѓувладина конференција. Северна Македонија и целиот регион се стратегиски приоритет и ЕУ е посветена европската перспектива за овие земји да ја направи реалност, рече Борел.
Македонија треба итно да ги почне преговорите за членство во ЕУ, но прво мора да ги реши билатералните прашања со Бугарија, затоа што ниту еден преговарачки процес со Унијата не смее да биде загрозен од билатерални проблеми, порача вчера високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел, кој од Скопје ја почна турнејата по земјите од Западен Балкан. По средбите со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, Борел истакна дека Македонија и регионот се стратегиски приоритет за ЕУ, но не може да вети дека во скоро време сигурно ќе ги почне преговорите. Еврокомесарот го поздрави тоа што нашата земја се вклучи во санкциите кон Русија, со што покажала одговорност, но и дека одлучува според моралот, а не според калкулации.
Премиерот Ковачевски истакна дека војната во Украина е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот и дека оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Според Ковачевски, брзата интеграција на нашата земја и на регионот во ЕУ ќе обезбеди стабилност во Европа.
-Потребни ни се предвидливи, забрзани и засилени процеси на интеграција во ЕУ, потенцира Ковачевски.
Ова е момент за будење во Европа
Според Борел, ова е момент на будење за Европа и момент кога треба да заживее процесот на проширување со земјите од Западен Балкан.
-Знам дека имате одредени очекувања и со право. Треба да почнеме формално преговарање за пристапување на Северна Македонија и Албанија што поскоро и се надевам дека тоа ќе биде можно на следната меѓувладина конференција. Северна Македонија и целиот регион се стратегиски приоритет и ЕУ е посветена европската перспектива за овие земји да ја направи реалност, рече Борел.
Тој го поздрави новиот импулс меѓу Скопје и Софија и рече дека двете страни треба да најдат заемно прифатливи решенија зашто „проширувањето не може да продолжи ако е попречено од билатерални прашања“.
-Паралелно, реформите на Северна Македонија во владеењето на правото, борбата против корупцијата, дигиталната трансформација и зелената агенда ќе овозможат брз прогрес кон преговорите. Сите актери треба да соработуваат за унапредување на европската реформска агенда како најбрз начин земјата да напредува на европската патека, истакна високиот европски претставник.
На новинарско прашање дали е можно да има европска интервенција за датум, затоа што евроскептицизмот во Македонија расте, Борел рече дека земјата е подготвена за преговори и е усогласена со вредностите на Унијата, но не може да вети ништо.
-Сосема го разбирам разочарувањето што многумина го чувствуваат овде, ве сфаќам, навистина, од срце. Јас доаѓам од Шпанија, земја што мораше долго да чека и ве разбирам. Но, кога говорам дека проширувањето е висок приоритет и постојано проценуваме дека земјата е подготвена, тоа не е реторичка изјава, тоа е изјава за намера, процена, тоа е заложба. Но, постои проблем, знаете кој е, и се обидуваме да го решиме со сите наши капацитети за наговарање и уверување. Позитивно е што кај двата премиери има волја да се реши прашањето, рече тој.
Борел рече дека македонската позиција во однос на руската инвазија на Украина ја покажува нашата посветеност кон вредностите на ЕУ и го најави и четвртиот пакет санкции за Русија. Се осврна и на хуманитарната криза во Украина, велејќи дека тоа што досега ја напуштиле 2,6 милиони луѓе е најголемото масовно движење на луѓе во Европа по Втората светска војна и дека се очекува во соседните земји да бидат пречекани четири до пет милиони Украинци. Еврокомесарот потенцира дека војната не ја загрозува само Украина, туку ја засега безбедноста, рамнотежата и економијата на сите.
-Со идните членки на ЕУ, како што сте вие, мора да зборуваме, да го кренеме гласот и да ставиме крај на војната, рече Борел.
Премиерот Ковачевски рече дека сегашната состојба на статус-кво никому не му оди во прилог и дека блокадата на пристапните преговори за Македонија се чувствува во целиот регион, но и дека единствено целосно обединета Европа е силна Европа. Според него, новиот принцип на соработка кој го воспоставија со бугарскиот колега Кирил Петков е вистинскиот пат по кој ќе се дојде до решение на спорот.
-Од исклучителна важност е ЕУ и земјите членки да се вклучат, зашто проширувањето со земјите од Западен Балкан е веќе стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи посветеност за стабилна и обединета Европа. Земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и кога има напредок кај една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи, истакна Ковачевски.
Тој повтори дека решението со Бугарија ќе биде заеднички прифатливо, во духот на европските вредности и во согласност со Резолуцијата од македонското Собрание, како и дека не сака да се врзува со конкретни датуми, туку со остварување на целите.
Претседателот Пендаровски му порачал на Борел дека отпочнувањето на пристапните преговори за Македонија е тест за кредибилитетот на ЕУ, односно дека не може да се зборува за забрзување на процесот кога нашата земја има одлука за започнување на преговорите уште од март 2020 година и повикал брзо да се реализираат стратегиските одлуки.
-Северна Македонија се докажа како кредибилен партнер на ЕУ и нејзината натамошна блокада за преговорите, заедно со Албанија е неодржлива, порачал Пендаровски.
Важно е тоа што време на криза со Бугарија сме на иста страна, сојузници што споделуваме стратегиски позиции, две држави што се на страната на мирот, дијалогот, стабилноста и безбедност, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
-Јас сум уверен дека напредокот во соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија значи и нов извор на стабилност и можности што извираат од срцето на Балканот во услови на голема глобална, европска, економска и воена криза, вели Маричиќ.
Една поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина, смета Френсис Фукујама, професор, филозоф и автор на „Крајот на историјата и последниот човек“, во интервју за Радио Слободна Европа.
-Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија, и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји што сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично, вели Фукујама прашан за неговиот став дали блокадата од Бугарија на нашите евроинтеграции и спорот со прашања од историјата има сличности со тврдењата на Путин за Украина.