Војната во Украина покажа дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување туку и геостратешко позиционирање во регионот, а Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите со ЕУ и граѓаните на земјата очекуваат и Брисел да го исполни својот дел од обврската.
Ова го посочил премиерот Димитар Ковачевски, кој за време на неговата работна посета на Брисел оствари средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, во рамки на учеството на состанокот на Северно-атлантскиот совет во рамките на вонредниот Самит на шефови на држави и влади на НАТО.
Премиерот Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, го информирал канцеларот Шолц за напредокот во дијалогот со Бугарија, што има за цел да го деблокира процесот за свикување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Брисел за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Двајцата соговорници на средбата изразиле големо задоволство од континуираниот развој на пријателските односи кои се рефлектираат и во економската соработка и трговската размена.
Двајцата шефови на влади ги нагласиле и заеднички споделените ставови во однос на воената агресија на Русија во Украина, при што премиерот Ковачевски потенцирал дека Северна Македонија се приклучи кон санкциите на ЕУ кон Русија согласно целосната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Брисел, додаваат од владината прес-служба.