Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека сè уште не е во можност да достави каква било помош во опколениот Мариупол, истовремено барајќи од Русија и Украина да гарантираат безбеден коридор до градот.
„Страните треба да бидат гаранти и да договорат безбедно поминување. Тие треба да посочат безбедна рута и да им дадат време на луѓето да излезат. Во моментов нема услови наша екипа да пристапи до градот“, изјави за Би-Би-Си, Мет Морис, портпаролот на МКЦК.
Тој потсети на меѓународното хуманитарно право на луѓето да им биде дозволено да заминат, но не да бидат принудени на тоа.
Многу жители на Мариупол со седмици се наоѓаат во засолниште во подруми, без храна, вода, лекови.
Украина ја обвинува Русија дека насилно преселила илјадници цивили од разурнатиот град во областите под руска контрола. Русија отфрли принудно иселување, но потврди евакуација под заштита.
МКЦК соопшти дека никогаш нема да асистира на принудна евакуација, а отфрла и какви било планови за поддршка на руската страна за „филтрирање“ на украинските бегалци од Мариупол.