Палестинскиот претседател Махмуд Абас предупреди на „двојните стандарди“ на западните земји, кои, повикувајќи се на меѓународното право, брзо воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, но не и кон Израел за „злосторствата“ на палестинските територии.

Палестинската управа на Абас не ја осуди неодамнешната инвазија од Русија врз Украина, членка на Квартетот за Блискиот Исток и земја која официјално ја признава Палестина како држава, за разлика од САД и повеќето европски земји.

Таквата воздржаност ги налути западните дипломати во Ерусалим и на палестинските територии, пренесува Хина.

Многу западни дипломатски извори, кои сакаа да останат анонимни, за француските медиуми изјавија дека побарале од Палестинската управа, која главно е финансирана од Европската унија, да ја осуди инвазијата на Украина.

На прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, палестинскиот претседател, кој во саботата го прослави својот 87-ми роденден, ги критикуваше „двојните стандарди“ на Западот во однос на Украина и палестинските територии.

Амнести интернешенел (АИ), Хјуман рајтс воч (ХРВ) и израелската невладина организација Б’Тселем го обвинуваат Израел за „апартхејд“ врз Палестинците.

-Актуелните настани во Европа јасно покажаа дека се применуваат двојни стандарди“, рече Абас.

„И покрај злосторствата на израелската окупација, кои можат да се споредат со етничко чистење и расна дискриминација, и признати од меѓународните организации за човекови права (…), не наоѓаме никој да бара одговорност од Израел дека дејствува како држава над законот“, смета палестинскиот претседател.

-Тоа што се случува во Палестина не може да се толерира, меѓународното право не може да се гази и се прашуваме дали надмоќта на израелската окупаторска моќ над палестинскиот народ, понижувањето на неговото достоинство и неговите легитимни права, ќе продолжи без ништо да се преземе за да му се застане на крајот на тоа, додаде Абас на арапски јазик.