200 милиони евра пари од еколошките такси и даноци секоја година завршуваат за покривање на административни дупки во буџетот и никогаш не се искористени за намената за која се собрани!
Иако територијално е мала, Македонија е за жал е голема депонија. Еко активистите постојано алармираат дека државата нема долгорочна стратегија и план за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Локално, изборните програми нудат еден куп ветувања напишани само затоа што звучат добро, само затоа што некој прави проценка дека тоа е тоа што граѓаните би сакале да го чујат, ама престануваат да размислуваат на реализацијата штом седнат во општинските канцеларии, вели Ели Пешева од Иницијативата О2.
Градоначалниците мора за сите нас да обезбедат одличен квалитет на живот. Ако порано луѓето се селеле надвор од државата од економски причини, денес голем дел од нив се селат затоа што не сакаат да живеат во претрупани, бучни и валкани населби, туку си го бараат квалитетот на живот, гарантиран за сите цивилизирани и свесни држави, додава Пешева.
Праксата потврдува дека лекциите најбрзо се учат преку казни по сопствен џеб.Тие мора да бидат високи, детектирани, изречени и наплатени. Казните мора да заболат еднаш, зошто на сите ни треба здрава животна средина!
Лидер: Првиот ден од пролетта голем дел од градоначалниците барем “демонстративно“ го посветија на екологијата. Се садеа дрвца, се чистеа дворовите на училиштата, се чистеа и јавните површини. Дали еден ден во годината е доволен локалната самоуправа да се справи со “ѓубрето“ околу нас?
-Денеска да излезете на улица, веднаш ќе го видите одговорот на ова прашање. Проблемот со загадувањето не се решава со општински ПР, две фотки и три изјави. Грижата за животната средина не е приоритет ниту на национално, ниту на локално, ниту на индивидуално ниво. Како држава, како општини, како граѓани имаме потфрлувања во сите сегменти. На волку мала површина, се соочуваме со последиците од загаден воздух, загадени почви, немање долгорочна стратегија за чистење и за решавање проблеми, загадени води и нивно ненаменско трошење, жешки загадени точки кои со децении не можат да бидат решени, концесии за рудници, дивоградби, депонии….
Како ќе го решиме проблемот на загадување со еднодневно чистење на јавните површини, кога целата држава е прекриена со депонии? Општинските власти се преправаат дека не ги гледаат, граѓанските здруженија без опрема и механизација можат да покријат по некоку точки, но генерално, не постои систем за чистење, за правилно уништување на отпадот, за следење и казнување на сторителите. Формално има предвидено казнени одредби, но практично нема ништо од тоа на терен, недостасува волја, недостасува систем, поголем број инспектори, повеќе луѓе на терен, мониторирање и санкционирање, а за сето ова пак, недостасува буџет. Буџетските средства наменети за животна средина константно се кратат, први се на удар, собраните повеќе од 200 милиони евра секоја година врз основа на еколошките такси и даноци, никогаш не се искористени за намената за која се собрани, туку со нив се покриваат административните дупки во буџетот.
Генерално, преовладува едно ужасно потценување на проблемот.
Лидер: Дали локалната самоуправа навистина води грижа за тоа каков воздух дишат нејзините жители и во каква животна средина функционираат?
-Локалната самоуправа не може и не сака да води секојдневна статистика за степенот на загадување, бидејќи со години и со децении не се потрудиле ниту да извршат притисок врз МЖСПП ако ништо друго барем да постави или во најмала рака да ги сервисираат постоечките мерни станици, а ете, од таму доаѓаат првите информации. Во многу малку општини има државни мерни станици, а во најголем дел недостасуваат средства за тие да бидат сервисирани и да ги покажуваат сите вредности. Да не беа граѓаните ентузијасти кои изработија и поставија аматерски мерачи на загадување, а потоа и други ентузијасти кои овие аматерски мерачи, заедно со државните ги поврзаа во апликациите како aircare (мој воздух) и pulse.eco, граѓаните немаше да ја добијат јасната слика за зелените/портокаловите/црвените/виолетовите зони на загадување. Тоа како ништо друго до сега ја подигна јавната свест за степенот на загадување по градови. Општините не ги следат дневните вредности и честопати забораваат да го активираат и алармот за загадување и да ги стават во сила законски предвидените мерки кога прагот на загадување е преминат во одреден временски период. Дополнително, најголемиот дел од општините немаат доволно инспектори на терен кои би ги испитувале пријавите на граѓаните кои забележуваат различни форми на загадување на воздухот и водите, кои ќе можат да направат контроли во правни субјекти за кои константно има фотографии, видеа, статистики дека се локални загадувачи во своите општини, нема редарски служби, нема регионални отпадни центри, не се работи на едукација на населението, не се работи ниту на основната едукација на најмладите која мора да се одвива по светски одобрен пристап уште од најрана возраст и за која ќе бидат задолжени локалните училишта. Како што споменав, дури и најбогатите општини немаат, ниту бараат поголем буџет кој ќе им овозможи да воведат барем некакви позитивни промени.
Лидер: Животната средина е врвен приорите во изборните програми на сите градоначалници, но во пракса речиси и ништо од тоа да не се спроведува. Толку ли е тешко да имаме чиста околина ? и Што треба градоначалниците “секојдневно“ да прават за почиста животна средина?
-Се изгледа многу поубаво на хартија. Една прошетка пеш или на велосипед ќе ви ги открие сите информативни дупки во изборните програми. Еден куп ветувања напишани само затоа што звучат добро, само затоа што некој прави проценка дека тоа е тоа што граѓаните би сакале да го чујат, ама престануваат да размислуваат на реализацијата штом седнат во општинските канцеларии. Со чест на многу малкуте исклучоци по овие локални избори.
Што треба да прават? Ако се погледнат некои од категориите при рангирањето на најсреќните држави на светот, во листата покрај доброто образование и здравство ќе ги најдете и добрата локална самоуправа, односно обезбедувањето на висок квалитет на живот. Ете тоа треба да се трудат да го прават градоначалниците, нивната функција и работа мора за сите нас да обезбеди одличен квалитет на живот. Дупови кои нема да ги бетонираат општините, само затоа што градежниците притискаат за нив, населби и маала кои ќе дишат низ паркови, низ добро проектирани квартови, улици кои нема да стимулираат сообраќај и повеќе автомобили, туку здрав начин на движење, тротоарите кои ќе ги вратат на пешаците, мрежа на добро планирани велосипедски патеки, редовен и квалитетет систем за отсстранување, собирање, селектирање и рецеклирање на отпадот, чистење и оддржување на јавните простори, заживување на државни и општински објекти кои стојат празни, напуштени и валкани и нивно ставање во употреба, да обезбедат едукативни еколошки градини за најмладите, да воведат едукативна еколошка програма во градинките и основните училишта, да работат на едукација на граѓаните, конечно да сфатат што значи јавен интерес.
Ако порано луѓето се селеле надвор од државата од економски причини, денес голем дел од нив се селат затоа што не сакаат да живеат во претрупани, бучни и валкани населби, туку си го бараат квалитетот на живот, гарантиран за сите цивилизирани и свесни држави.
Лидер: Големите депонии се секојдневна слика која само се повторува по медиумите , големита ѓубришта никако да се исчистат. Со промена на власт вината за неодговорното однесување кон природата се префрла на претходната владејачка структура. Според вас, што е потребно за да бидеме еве на пример како една Словенија?
-Промена на свеста. Првенствено поставување на проблемот со загадувањето како приоритет, на локално и на национално ниво. Второ, потенцирање на одговорноста која ја има секој од нас, и институциите, општините, јавните претпријатија и секој од нас индивидуално. Учеството во јавниот живот не подразбира само привилегија, туку си има закачено и обврска. И таа е прецизна. Мора да се знае кој за што е одговорен, наместо како до сега поради недореченоста на некои закони, кои се преклопуваат или судираат, никој за ништо да не е виновен. Еднаш кога некој ќе прогласен за одговорен за невршење на својата функција, или за лошо вршење на работата или прекршување на локалните правила и закони, кога санкцијата ќе му биде испорачана, и политичката и граѓанската казна наплатена, ќе стане пример за сите други.
Еве се споредуваме со Словенија, прво државата и општините ги имаат обезбедено сите услови, целата неопходна инфраструктура за заштита на животната средина, од законите за индустриски комплекси, до поставување на канти за рециклирање. Обидете се да го фрлите домашниот комунален отпад на место кое не е ваше, првите соседи веднаш ќе ве пријават. Свеста за општото добро мора да биде поголема од индивидуалната лежерност.
Лидер: Треба ли да има повеќе и построги казни?
-Секако, праксата потврдува дека лекциите најбрзо се учат преку казни по сопствен џеб. Но она што е клучно е да не се прават компромиси и да не се бараат оправдувања за тоа колку сме сиромашни, а казните се ригидни. Нема отстапки. Казните мора да се високи, детектирани, изречени и наплатени. И мора да заболат за еднаш, сите заедно да сфатиме дека природата и нејзината добросотојба ни треба на сите, здравата животна средина е гаранција за здрав живот, и за задоволни и среќни граѓани.