Вашингтон гледа напредок во борбата против корупцијата во С. Македонија, особено во делот на транспарентноста и отчетноста. Сепак, како што изјави американската амбасадорка во земјава, останува уште многу работа која треба да се заврши. Корупцијата, според Кејт Брнз која настапи на регионален форум што се одржа во Скопје, има разни форми и може да се манифестира на сите нивоа – од најниско, до највисоко. Предупреди дека оваа појава има огромни последици врз стабилноста на секоја држава.
-Намалувањето на корупцијата ја зајакнува националната безбедност. Кога граѓаните чувствуваат дека не можат да успеат во нивниот систем поради корумпирани административци или коруптивни практики, тоа има негативен ефект врз општеството. Корупцијата води кон лажни, па дури и кон насилни наративи. Корупцијата ја еродира довербата на граѓаните во институциите. Белата куќа кажа дека антидемократските сили ја користат корупцијата како оружје за да ги искористат слабостите и поделбите меѓу слободните држави, изјави амбасадорката на САД, Кејт Брнз.
Слична е позицијата и на Брисел – дека подложноста на корупцијата во една земја ја отвора можноста за негативни надворешни влијанија.
-Руската војна во Украина повеќе од кога било го потенцира значењето на отпорноста и на стабилните општества. Убедени сме дека доброто владеење и владеењето на правото, како и солидните демократски институции се клучни за општеството. Во ЕУ борбата против корупцијата е синоним за модел на општество кое ние го претставуваме и кон кое се стремиме. Централно е владеењето на правото врз кое нашата заедница се темели, рече Алан Џонс од Европската комисија.
Но, се слушнаа критики и на адреса на Унијата – дека недоволно ги поддржува антикорупциските политики, не само во регионот, туку и во одредени земји членки.
-Треба да се зацврсти гласот против корупцијата. Но, ние такви гласови во регионот не гледаме. Такви лидери не само што не гледаме на Западен Балкан, туку не гледаме ниту во новите земји-членки на ЕУ. Би рекол дека не ги гледаме ниту во антикорупциската политика на Унијата што ја имавме во изминатите 10 години, вели Руслан Стефанов од Центарот за истражување на демократијата во Софија.
Во ланскиот извештај за земјава Европската комисија јасно побара зајакнување на борбата против корупцијата преку зголемена поддршка за надлежните тела и на обвинителството за гонење организиран криминал, како и носење повеќе пресуди во предмети за корупција на високо ниво.