Министерството за внатрешни работи информира дека Одделот за внатрешна контрола веќе работи на расчистување случај со земање мито на „Блаце“.
Реакцијата на МВР следува откако албанската телевизија Клан во емисијата „Стоп“ објави видео снимка на која јасно се гледа како раководителот на смена на граничниот премин Блаце, Шкрета Елхам зема мито од 120 евра од државјани на Албанија кои ја минуваат границата.
-Одделот за внатрешна контрола во координација со надлежното обвинителство уште од ноќеска интензивно работи на расчистување и санкционирање на случај со земање на мито од страна на полициски службеници на Граничниот премин Блаце. По расчистување на случајот и санкционирање на сторителите, соодветно ќе ја информираме јавноста, кусо соопштуваат од МВР.