Одбивањето на СОНК да се зголемат платите за 10% во градинките и образованието е уцена која нанесува непоправлива штета на образованието на учениците. Ова е мислењето на премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека Владата е за дијалог, но барањата и ставот на Синдикатот се целосно неприфатливи. Според него, местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација, одговорноста е само на СОНК.
-И покрај се, СОНК смета дека зголемувањето на платата од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки одобрени од Владата, сметките на граѓаните се пониски за 4.000 денари месечно, ова едноставно не може да се смета за разумен став, туку за видлив притисок со кој е јасно дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата, изјави Димитар Ковачевски.
ДУИ оценува дека штрајкот на СОНК е политичка агенда против учениците и родителите.
„Не може да се толерира да се губи настава во услови како денес, кога целиот свет се соочува со пандемија, економска и енергетска криза додека Владата и Министерството за образование и наука прават максимални напори за нормализирање на образовниот процес“, велат од ДУИ.
Лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски, предлогот за покачување од 10 отсто го смета за срамен додека пак вели дека Владата наместо да работи за стандардот на работниците во образованието, предизвикува тензии и револт.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече дека го поддржуваат штрајкот, повикувајќи се на амандманот за линеарно зголемување на платите на неговата партија, кој не беше прифатен од парламентарното мнозинство.
-Ми се чини апсурдно и лицемерно што Владата сега ја игра улогата на жртва. Истата Влада во времето кога се регулираше прашањето за минималната плата, го отфрли амандманот на АА за линеарно зголемување на платите, што значи зголемување на платата на наставниците и на сите други, доколку овој амандман се прифатеше, немаше да биде денешниот штрајк, затоа Владата не треба да ја игра улогата на жртва, изјави Зијадин Села.
Движењето Беса соопшти дека го поддржува штрајкот, оценувајќи ја како правична одлуката на Синдикатот да ја одбие понудата на Владата за зголемување од само 10 отсто од платата.