Се истражува мистериозната смрт на двајца руски олигарси и нивните семејства кои биле пронајдени мртви во рок од неколку дена.

Рускиот милионер Сергеј Протосења и неговото семејство се пронајдени мртви во нивната вила во Љорет дел Мар. Полицијата се сомнева дека 55-годишниот Протосења ги убил сопругата и ќерката со секира и нож, пред да се обеси. Неговото тело е пронајдено во дворот на вилата.

Протосења седум години бил потпретседател на руската компанија за природен гас „Новатек“ и неговото богатство се проценуваше на 330 милиони долари.

Претходно, во стан во Москва во понеделникот биле пронајдени телата на уште еден руски мултимилионер и на неговите сопруга и ќерка. Медиумите во Русија објавија дека 51-годишниот Владислав Авајев бил застрелан, исто како и трудната сопруга Јелена и 13-годишната ќерка Марија. Според сознанијата на полицијата Авајев го убил своето семејство, по што се самоубил, но полицијата истражува и други траги.

Авајев беше потпретседател на „Газпромбанк“, третата најголема банка во Русија, пред ненадејно да поднесе оставка. Тој исто така порано бил функционер во Кремљ.