Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто се огласи околу плаќањето на рускиот гас.

Тој истакна дека „нема сомнеж дека Унгарија мора да го плаќа рускиот гас на начин кој ја обезбедува неговата испорака“.

„Снабдувањето со енергија е прашање на националната безбедност и должност на владата е да им ја гарантира безбедноста на граѓаните“, кажа тој во Загреб по состанокот со хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман.

Унгарија ја завршува својата домашна задача, кажа Сијарто, додавајќи дека Европа и понатаму во голема мера ќе зависи од руското снабдување со гас доколку не се најдат алтернативни извори на природен гас и алтернативни патишта за испорака.

„Снабдувањето со енергија не е филозофско туку физичко прашање“, порача шефот на унгарската дипломатија, истакнувајќи дека независноста од руската енергија е невозможна без значајни вложувања во инфраструктурата.

Сијарто како пример го наведе проширувањето на хрватскиот терминал за течен природен гас на островот Крк, напоменувајќи дека тој терминал би ѝ користел на Унгарија само ако се подобри хрватскиот систем за транзит на гас.

 

Унгарија во моментов е во состојба годишно да увезува до 7 милијарди кубни метри гас од Хрватска, кажа тој и додаде: „Никој нема право да очекува од нас да дозволиме унгарскиот народ да ја плаќа цената на војната“.