Очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ во 2020 година изнесува 80,4 години, што е за 0,9 години пониско споредено со претходната 2019 година. Највисок очекуван животен век на ниво во ЕУ при раѓање имаат жителите на Норвешка – 83,3, Исланд и Швајцарија – по 83,1 години, додека најмал Бугарија – 73,6 години и Романија – 74,2 години. Кај нас очекуваниот животен век е 74,4 години, покажуваат податоците на Евростат.
Во земјите од регионот најголем очекуван животен век при раѓање имаат Грција – 81,4 години, потоа следи Хрватска – 77,8, Албанија – 77,4, Црна Гора – 75,9, Србија – 74,5, Македонија – 74,4 и Бугарија – 73,6 години.
Животниот век при раѓање во нашата земја споредно со 2019 година е намален за 2,2 години, кога бил 76,6 години, што е најголемо намалување меѓу сите земји во регионот, додека во Бугарија и Србија за 1,5 години.
Според податоците на Евростат, на ниво на ЕУ жените имаат за 5,7 години повисок очекуван животен век (83,2 години) отколку мажите (77,5 години), додека споредно со 2019 година на ниво на ЕУ очекуваниот животен век при раѓање е намален за 0,9 години. Мажите имаат поголемо намалување, за точно една години, додека жените за 0,8 години. Ваквото остро намалување на очекуваниот животен век се должи на зголемената смртност во 2020 година поради КОВИД-19 пандемијата.
Во 2020 година региони со највисок очекуван животен век при раѓање се во Франција – Корзика (84 години), Шпанија – Балеарските Осторви (83,9 години) и Грција – Епир (83,8 години).
Од друга страна во ЕУ сите региони со најмал очекуван животен век при раѓање се во Бугарија – Северозападен (72,1 година), Североцентрален (72,8) и Југоисточен (72,9 години).
Францускиот остров Корзика имал најголем животен век на жените (87,0 години), а потоа следи шпанскиот регион Галиција (86,7). Два француски региони (Лоара и Миди-Пиринејски), Оландските Острови во Финска и регионот Епир во Грција забележале ист животен век на жените – 86,4 години. Највисоките нивоа на очекуваниот животен век на мажите при раѓање се забележани во регионот на Епир во Грција, во регионот на Умбрија во централна Италија и на Балеарските острови во Шпанија (сите 81,4).
Очекуваниот животен век при раѓање е просечниот број на години што едно лице може да очекува да ги живее при раѓање доколку е подложено на моментални услови на смртност во текот на остатокот од својот живот.
Помеѓу 2002 и 2020 година, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ е зголемен за 2,8 години, од 77,6 на 80,4 години. Зголемувањето е за 2,4 години кај жените и 3,2 години кај мажите.