Бугарија останува на ставот дека сака решавање на спорните политички прашања со Скопје пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ, а тоа подразбира и промена на Уставот на Северна Македонија и внесувањето на еден збор – Бугари, заедно со другите државотворни народи. За властите во земјава ЕУ-интеграцијата нема алтернатива, a двата преостанaти месеца од француското претседателство до Европскиот совет во јуни треба да се искористат за започнување на пристапните преговори.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека европската перспектива на Република Северна Македонија нема алтернатива и е стратешка цел на Бугарија, но оти, сепак, нејзината интеграција не може да се случи без претходно да се гарантираат правата на Бугарите во земјава и да се запре говорот на омраза.
Во изјавата дадена на отворањето на конференцијата „Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“ која се одржа на денот кога се одбележуваат 119 години од смртта на Гоце Делчев, Радев посочи дека Бугарија сака да ги реши спорните политички прашања со Северна Македонија пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ, бидејќи во последните децении има многу случаи во односите во кои бугарската доверба, според него, не била оправдана од Северна Македонија.
-Промената на Уставот на Северна Македонија и внесувањето на еден збор – Бугари, заедно со другите државотворни народи, во земјата значи дека ја прифаќа европската идеја, смета Радев.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак вчера во изјава за Утрински брифинг, рече дека државата нема да најде друга алтернатива на ЕУ, но дека се помалку има политички капитал – поддршка од граѓаните за, како што вели, бесконечно да продолжиме во ова малтретирање. Сепак, според Османи, мора да добиеме одговор од ЕУ што понатаму.
-Овие два месеца треба да се вложиме оти ова е една од последните шанси да ги надминеме разликите со Бугарија и да ги започнеме европските процеси, вели Османи.
Државниот врв и институциите во земјата вчера ја одбележаа 119-годишнинара од смртта на Гоце Делчев, чие име и дело е камен на сопнување меѓу Скопје и Софија. Претседателот Стево Пендаровски положи цвеќе на гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“ со порака дека македонскиот револуционер и визионер е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи.
-Денеска одбележуваме 119 години од смртта на македонскиот револуционер и визионер #ГоцеДелчев. Тој не е само апостол на македонската револуција, тој е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи. Слава му!, напиша Пендаровски на својот Фејсбук профил.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, нагласи дека Гоце Делчев беше лидер на идејата за независна македонска држава којашто ја споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат и денес наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја.
– Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ги чествуваме неговиот живот и дело како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација и оддаваме почит кон неговиот историски придонес за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава, објави на својот Фејсбук профил премиерот Ковачевски, според кого, пораката за светот како поле за културен натпревар меѓу народите до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.
Од Владата пак, најавија дека Македонскиот културен центар во бугарскиот град Благоевград се планира да биде отворен до крајот на годината, а неговото име ќе се определи во комуникација со нашиот Институт за национална историја.
– Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека планира да го запознае својот бугарски колега Кирил Петков дека како Влада во текот на оваа година имаме намера да отвориме нов културен центар во Благоевград, информира владиниот портпарол Душко Арсовски вчера на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
На прашање до каде се проверките на Владата за легитимноста на постоењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Арсовски посочи дека се собираат информации за начинот на кој е регистриран тој клуб и очекува во најскоро време работите да бидат појасни за што јавноста ќе биде информирана.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера со порака дека секој од нас треба да има дел од Делчев во себе.
-Што значи Гоце Делчев за нас, што е неговата борба и што она кое ние денес треба да го зачуваме и да се залагаме. Тоа е прилично сложена задача, не е едноставно. На Гоце Делчев би му било важно да види што денес се случува со таа негова Македонија, сигурно не би му било лесно. Но, ние мораме да имаме поинаков и поиновативен пристап на сегашноста, кон минатото и да гледаме кон иднината. Политичари без визија не може да се занимаваат со политика. Некои работи кои изгледаат сега чудно, за некое време ќе значат многу за Македонија и граѓаните, изјави Мицкоски вчера на историскиот час по повод 119 години од смртта на Делчев во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“.
Тој претходно порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи отворање на Уставот и Преамбулата како услов за повлекување на ветото од Софија и старт на преговорите за членство со ЕУ се додека не се добие јасна гаранција од бугарскиот Парламент дека нема да има дополнителни барања.
Истакна дека еден од условите на Владата во Софија за повлекување од ветото е „отворање на Уставот“, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
– Ќе го повторам ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Нема отворање на Уставот додека не добиеме јасна гаранција од страна на бугарскиот Парламент дека ако се отвори и затвори Уставот во Македонија, тоа значи дека на тој начин се затвараат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека се додека Македонија не биде дел од ЕУ нема да имаме повеќе дополнителни барања од страна на нашиот источен сосед. Само под тие услови можеме да разговараме, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Карбинци.