Единствениот овластен субјект за заштита на македонскиот јазик кубури со кадар! Научниците од Институтот за македонски јазик две децении бараат подмладување на кадарот, нови вработувања, затоа што бројката на некогаш 60-ина научни работници во Институтот е паднат на 20-ина.
Јазикот е основно средство за комуникација, за него треба да се грижиме не со празни фрази, флоскули и зборови изречени по медиумите, туку со ДЕЛА, смета професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик.
-“Потребни се : млади истражувачи, спроведување нови теренски истражувања, поголема афирмација на македонскиот јазик на планот на лингвистиката, но и на книжевноста надвор од границите на Македонија, повеќе содржини на електронските медиуми за најмладата македонска популација, нови наставни програми по предметот Македонски јазик, нов Закон за употреба на македонскиот јазик и најважно од сè – задржување на младите во земјава, зашто јазикот е жив, стабилен и отпорен сè додека тој има говорители“-додава Јачева-Улчар во интервјуто за Лидер.
Во однос на преговорите со Бугарија и влогот кој се става на маса, Јачева-Улчар вели дека доколку таа се прашува влогот воопшто немало да постои. Не треба да се прават асиметрични договори, ниту компромиси, туку треба да се водат преговори базирани врз строго научни објективни факти добиени од научниците од Институтот за национална историја и Институтот за македонски јазик.
Лидер: Ден по Денот на македонскиот јазик, што забораваме, што губиме?
– Неколку години по ред, поточно откога е востановен овој празник, по заминувањето на празникот се заборава дека: научниците од Институтот за македонски јазик, кој е единствениот овластен субјект за заштита на македонскиот јазик, кажале дека веќе две децении бараат подмладување на кадарот, односно нови вработувања, зашто бројката на некогаш 60-ина научни работници во Институтот е паднат на 20-ина. Се заборава дека: имаме голем број празнини во македонистиката во вид на дигитален корпус, академска граматика, специјализирани и двојазични речници; дека Министерствто за образование и наука веќе повеќе од една деценија не финансира проекти од национален интерес или ако финансира (минатата година еден проект), го прави тоа селективно. Се заборава дека грижата на државата за македонскиот јазик треба да започне од најраната возраст на Македонците: во градинките, низ образовните и забавни програми за деца кои, за жал, никаде не ги гледаме (дури ни оние од наше време како „Бушавата азбука“, на пример), ниту, пак, се снимаат, така што имаме ситуација најмалите Македонци побргу да ги научуваат имињата на животните, растенијата, боите итн. на англиски јазик отколку на македонски. Забораваме дека од најмала возраст кај младите луѓе треба да се негува љубовта спрема македонскиот јазик и да се развива свеста дека македонскиот јазик е со многу мал зборувачи и дека ако ние не го негуваме и чуваме, нема кој друг да го прави тоа наместо нас. Забораваме дека за да се подигне јазичната култура и во основното и во средното образование, треба многу помалку учење за јазикот, а многу повеќе пишување, читање и пеење на јазикот и свртување кон националните книжевни достоинства. Забораваме да ги искористиме подадените раце од македонисти ентузијасти кои често знаат да понудат извесни решенија на македонистички проблеми и тоа про боно од чисто патриотски побуди. Неодамна на трибината во МКЦ, насловена како „Македонска глаголица. Македонска кирилица“, од г. Ласко Џуровски разбрав дека бесплатно понудил македонски кириличен фонт до Институтот во кој работам, и дека повеќе од една година нема возвратен одговор, иако тоа што тој го нуди е за доброто на целата заедница, поконкретно за употреба на правилен македонски италик (а не на руски или бугарски како што е тоа сега). Сакам да кажам, тој нуди начин за надминување на овој технички проблем, но бара институционална поддршка зашто без неа решението нема да биде колективно туку само индивидуално.
На крајот, забораваме дека на македонскиот јазик не му е потребен ниту ДЕН, ниту ГОДИНА, нему му е потребно постојано учење, проучување, нега, грижа и заштита, но не со празни фрази, флоскули и зборови, изречени вчера по медиумите, туку со ДЕЛА!
Лидер: Се почитуваме ли доволно себеси, не знаејќи го значењето на македонскиот јазик?
– Човек што не се знае себеси, својот род, историјата на својот род, географијата на својата земја, нејзината култура, традиција и јазик, не се почитува себеси. Кога не се почитуваш и не се знаеш себеси ти самиот, воопшто, и не можеш да очекуваш друг да те почитува.
Лидер: Политички , затоа што и јазикот е политика, а не е партија ̶ што треба да направиме?
– Јазикот не е и не смее да бида политика. Јазикот е основно средство за комуникација на една заедница. Во нашава држава, за жал од 2019 година па наваму имаме наметната двојазичност која и не е двојазичност во вистинската смисла на зборот, зашто двојазичност подразбира еднаквомерна употреба на два јазика од еден говорител, а не еден говорител – еден јазик, односно Македонецот зборува само македонски, Албанецот само албански. Ова придонесува Македонците и Албанците да немаат единствен јазичен код за комуникација, па оттука прибегнуваат кон примена на т.н. лингва франка на 21 век – англискиот. Значи, со донесувањето на Законот за употреба на јазиците, е засегнат статусот на македонскиот јазик – имено тој да биде основното средство за комуникација во македонската држава. Оттука, со овој закон, практично, се овозможи паралелна употреба на два јазика, на целата територија на државата, иако не е целата територија на Македонија бинационална. Што треба да направиме? Како македонист морам да кажам дека имаме пред нас многу работа и во однос на обработката на јазичното богатство што се крие во обемните картотеки на Институтот за македонски јазик; и во пополнувањето на оние празнини што ги спомнав погоре за чие остварување, секако, е потребно вработување на поголем број млади истражувачи; спроведување нови теренски истражувања, поголема афирмација на македонскиот јазик на планот на лингвистиката, но и на книжевноста надвор од границите на Македонија; повеќе содржини на електронските медиуми за најмладата македонска популација, нови наставни програми по предметот Македонски јазик, нов Закон за употреба на македонскиот јазик и најважно од сè – задржување на младите во земјава, зашто јазикот е жив, стабилен и отпорен сè додека тој има говорители. За жал, во последнава деценија сме сведоци на масовно емигрирање на млади Македонци надвор од земјава, со што на своевиден начин се доведува во прашање и виталноста на македонскиот јазик.
Лидер: На маса во преговорите со Бугарија е историјата . Дали влогот наш е преголем?
-Ако се прашував јас – влог, воопшто, немаше ни да постои, а нешто што не постои – не може да се мери по големина. Да бев некаков одлучувачки фактор јас прво никогаш не ќе потпишев никаков асиметричен договор, какви што се и Преспанскиот и овој со Бугарија за т.н. „добрососедство“. Никогаш од никого не ќе побарав да прави компромиси, туку ќе апелирав до строго држење кон научните објективни факти. Потоа, при подготовката на договорите неселективно ќе вклучев повеќе научници од националните институти, особено од Институтот за национална историја и од Институтот за македонски јазик, зашто овие национални институти, кога се формирани пред повеќе од 70 години како основна цел за нивното создавање е: грижата, заштитата и проучувањето на македонскиот јазик, односно на историјата. И нив ќе ги слушав. Ќе ги следев нивните насоки. Потоа, како ќе ме советуваа – така ќе постапував, особено ако сум неука за прашања, теми и проблеми далеку од мојата професионална определба. Но! За жал, како што еднаш рече покојниот проф. Трајко Стаматоски: во Македонија одамна веќе политиката не стои простум пред науката, ами обратно!