Комисијата за избори и именувања денеска после повеќе од еден час работа не ја започна расправа за предложени девет кандидати за уставните судии. Пратениците дебатираа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да има поединечно претставување на кандидатите пред пратениците, што беше надлагласан. На барање на заменик-координаторката на опозициската партија гласањето се повтори и беше поименично.
Пратениците треба да ги разгледаат биографиите на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на Комисија не го прифатија предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски кандидатите да имаат свое дваесетминутно лично претставување пред нив, како и да одговорат на неколку прашања на народните избраници пред гласањето.
Образложението на Милошоски беше дека тоа го бара за има поголема транспаретност и да знаат граѓаните и пратениците кои ќе бидат новите уставни судии.
-Личното претставување на кандидатите ќе биде од корист за сите и ќе тежи повеќе отколку сувопарните биографии, смета Милошоски.
Пратеникот вели дека не се работи за обврска од Деловникот туку за добра политичка волја.
Претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска истакна дека нема деловничка обврска да се повикуваат предложените кандидати да се претстават пред пратениците и дека досега немало таква пракса.
-Сметам дека можеме да продолжиме да расправаме за поединечните предлози кои се дадени токму од вас пратениците, рече Георгиевска.
Дафина Стојановска, заменик координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека мнозинството не го почитува Деловникот и Уставот и побара поименично да се гласа за предлогот на Милошоски, како и да се гласа по азбучен ред на кандидатите.
Претходно таа каже дека одложувањето на изборот на уставните судии не е поради блокада на опозицијата, наведувајќи причини поради што не се одржувала седницата на Комисијата.
Стојановска го поддржа предлогот на Милошоски истакнувајќи дека повикувањето на кандидатите да се претстават пред нив е позитивна пракса, која се применила со кандидатите за членови на Комисијата за антикорупција.
-Ако интересот не е голем зошто во салава има 50 пратеници, а не само членовите. Не гледам зошто бегате од тоа кандидатите да се претстават, рече Стојановска додавајќи дека сака да види кој од овие девет е најистакнатиот правник и да има една отворена дебата и дискусија. Пратеничката кажа дека знаат дека мнозинството ќе ги надгласа, но дека затоа треба да се види кој од кандидатите за најдобар избор за уставни судии. Дополни дека тие кандидати што не сакаат нека не доаѓаат на Комисијата.
И Стојановска и Милошоски ја споменаа Тања Васиќ – Бозаџиева за која опозицијата бара дополнителни информации за нејзината работа, но исто така изнесоа и низа информации за кои кажаа дека сакаат да чујат дали се дезинформации или не.
Претседателката на Комисијата Георгиевска одговори дека во моментот кога добила предлози за кандидати за уставни судии закажала продолжение на седницата.
Диме Велковски, заменик координатор од СДСМ рече дека изборот на кандидатите за комисијата за антикорупција се вршел согласно утврдена процедура и јавен оглас. Велковски смета дека во сегашниот случај со уставните судии треба да се продолжи со досегашната пракса.
-Да работиме по Деловник како што било порано. Сакаме транспаретност, сакаме дебата која ќе се прелее после и на пленарна седница, вели Велковски.
Пратеникот Горан Мисовски од НСДП, изјави дека до некаде се согласува со Стојановска и Милошоски да се користат позитивните пракси и дека во рамки на Жан Моне процесот се работело на сите недоследности на Деловникот, донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година, што веќе е надминат. Мисовски ја отвори дилемата дали е потребен закон за Уставниот суд.
Во Деловникот, додаде тој, не е спорно согласно Уставот да си уредиме како да си избираат уставните судии.
-Мислам дека нема пратеник од парламентарното мнозинство што нема да се согласи со тоа, рече Мисовски додавајќи дека треба да се донесе Деловник со консензус.
Апелираше да се даде шанса и да се пополнат местата во Уставниот суд, преку дебата и преку досегашната пракса во Собранието.
Предупреди дека веќе пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребиле праксата со споменувањето на една од предложените посочувајќи дека тој нема да дебатира поединечно за кандидатите.
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во понеделникот одржа средба со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери за блокадата на изборот на четирите уставни судии.
Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Судот не биде комплетиран, тогаш на државата и се заканува уставна криза.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
На дневниот ред на седницата на Комисијата е и утврдувањето на Предлог-одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Oдборот за доделување на државната награда „8 Септември” и друго.