Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на глобалниот состанок за животна средина, „Стокхолм + 50“, кој ја одбележува 50-годишнината од Конференцијата на Обединетите нации за животна средина, испраќајќи порака дека одржливиот развој на животната средина е глобална цел и дека не смее да се изгуби битката со еколошките предизвици.
– Иднината на здрава планета е наша заедничка обврска. Помина половина век од Првата конференција на ОН за човековата средина во Стокхолм, 1972 година и сè уште разговараме за глобалните еколошки предизвици, рече Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека Северна Македонија, заедно со глобалната заедница ја поддржува заедничката визија за „Здрава планета за просперитет на сите“.
– Имаме поставено долгорочна визија: Северна Македонија до 2050 година да е просперитетна економија со ниска емисија на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, и која ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија, истакна Маричиќ додавајќи дека во борбата против денешните предизвици, регионалната соработка има важна улога, особено во исполнувањето на целите на Зелената агенда за Западен Балкан.
Според него „Стокхолм + 50“ е одлична можност да постигнете просперитетна, инклузивна и здрава планета, но за тоа е потребен мултилатеризам во справувањето со тројната планетарна криза на Земјата – климата, природата и загадувањето и координирана акција од различни чинители и поединци, како и партнерства помеѓу науката, бизнисот, креаторите на политики и граѓанскиот сектор.
– Ова е загарантиран начин на кој ќе дојдеме до соодветни решенија кои се важни за одржливиот развој и заштита на планетата и на сè што живее и дише на неа. Денес наша одговорност и можност е да го исполниме она што е поставено како цел пред 50 години на Конференцијата за животната средина, може да биде целосно реализирано со градење здрава иднина за сите нас и за претстојните генерации, порача Маричиќ.
Покрај Маричиќ, на глобалниот настан учествува и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој ќе има свое обраќање на третиот лидерскиот дијалог насловен: ,,Забрзување на имплементацијата на еколошката димензија на одржливиот развој”.
Вицепремиерот Маричиќ во рамки на посетата на Кралството Шведска ќе оствари неколку билатерални средби меѓу кои ќе биде и средбата со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линден и со претседавачот со парламентарната група на пријатели на Западен Балкан, Аднан Дибрани и претседавач от со ЕУ Комитетот, Пири Ниеми, како и со генералната директорка на Шведската развојна агенција, Карин Јамтин.