Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција зборуваше за посетата на Србија од која нема да биде ништо, што го потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека посетата е откажана.
Лавров на прес-конференцијата рече дека смета дека „на сите им е јасно дека во Брисел нема место не само за суверенитет, принцип гарантиран од ОН, туку и за слобода на избор“.
Тој рече и дека ситуацијата околу посетата на Србија, во која три земји го затворија небото за неговото доаѓање во Белград, е невидена и незамислива.
-Се случи нешто незамисливо. Ова е вознемирувачка акција. На суверената држава ѝ се одземени правата, да ја води надворешната политика. Меѓународните активности на Србија, барем во овој момент, се блокирани во руска насока. Оваа одлука на трите земји е јасна и поучна демонстрација до каде НАТО и ЕУ можат да одат користејќи најниски методи за влијание врз оние кои се водени од националните интереси и не се подготвени да го жртвуваат своето достоинство поради правилата наметнати од Западот.
-Западот јасно ѝ дава до знаење на Русија дека ќе продолжи да врши притисок врз Москва, без да се воздржува од какви било средства, рече Лавров.
Тој тврди дека земјите ќе излезат со различни објаснувања.
-Сигурен сум дека ќе има многу објаснувања. Земјите кои го блокираа летот на рускиот авион ќе се повикаат на наредбите на НАТО и на САД. Нашите односи со Србија нема да бидат уништени. Никој нема да ги уништи, кажа. Тој додава дека го поканиле министерот за надворешни работи на Србија да ја посети Русија и оти се надева оти неговиот авион нема да се блокира од Брисел.
-Бриселските куклари не сакаа да ѝ дадат на Русија платформа во Белград за Москва да го изрази својот став за голем број регионални прашања, да разговара за позицијата на Косово и БиХ во главниот град на Србија. Очигледно тие не сакаа да го поддржиме Белград и нивните отворена балкански иницијативи и односите во регионот. Сега е јасно дека НАТО и Брисел сакаат да го претворат Балканот во нивен проект „Затворен Балкан“, рече тој.
Тој рече дека мисли дека затворањето на небото веќе станало стандард во Европа.
-Не само што мислам дека ќе стане нормално туку веќе стана и за европските земји. Во европските медиуми имаше гласни кампањи, се плашат од вистината. Се обидуваат да измислат лажна реалност исполнета со разни информации од различни извори. Како што знаете, тие ги блокираа сите алтернативни извори на информации. Сакаат да ги исполнат своите изборни цели правејќи будали од своето гласачко тело. Брисел одлучи дека тој ќе биде господар на животот на Западот, рече тој.
Тој ги пофали Вучиќ и Србија.
-Ја цениме храбрата политика што ја презема Србија, а особено претседателот Вучиќ. Неговата одлука е да не биде дел од антируската политика, а тоа го бара ЕУ од него. Тој сака сите земји кандидати да станат русофобични. Оваа ситуација покажа што значи членството на Црна Гора и Македонија во НАТО . На НАТО им се потребни исклучиво за да ја казни и потисне Русија, да ја прошири нејзината антируска територија во Европа. Тоа не се подразбира со член 10 од Вашингтонскиот договор, рече тој.
Тој исто така рече дека се повеќе луѓе на Запад се прашуваат зошто Русија треба да се направи непријател и дека се сеќаваат колку постигнале со Русија.
Српската агенција Танјуг го праша Лавров како дошло до тоа да било спречено неговото доаѓање во Србија и дали тоа значи дека нема да може да ги посети ниту другите земји.
-Во моментов немам покани од земјите членки на НАТО. Медиумите од Западен Балкан објавија дека Лавров е еден од најнепосакуваните гости во Србија бидејќи сакал да пристигне пред Олаф Шолц и Шолц очигледно ќе бил навреден. Тоа им го оставам на нив и на аналитичарите кои пишуваат такви работи. Медиумите прават такви работи и се обидуваат да привлечат дополнителни читатели и следбеници, вели тој.
Пред прес-конференцијата на Лавров се огласи Вучиќ кој потврди дека нема да има ништо од посетата на Лавров.
-Амбасадорот на Руската Федерација Боцан-Карченко ме информираше за причините што го спречија министерот Лавров да дојде во Белград и донесе документи кои го потврдуваат тоа. Повеќе за сѐ ќе зборувам на РТС1 во Дневникот во 19.30 часот, напиша Вучиќ на Инстаграм.