Со поддршка од Светската здравствена организација обезбедени се монитори за пациенти, маски за кислород и машини за позитивен притисок на дишните патишта (BiPAP) на две нивоа за што поуспешно справување со КОВИД-19. Биомедицинската опрема, во вредност од 6.244.000 денари е набавена со поддршка од УСАИД и ќе овозможи унапредување на третманот и грижата за пациентите со КОВИД-19.
Мониторите за пациенти се суштински алатки за третман и нега на пациенти со респираторни заболувања и на пациенти на кои им е потребна интензивна нега. Тие обезбедуваат информации за виталните знаци, вклучително и отчукувањата на срцето, крвниот притисок, заситеноста со кислород и други респираторни параметри, кои се користат од медицинскиот персонал за третирање на пациентите. Кислородните маски и машините BiPAP помагаат да се спасат животи со обезбедување навремена и соодветна поддршка за кислородна терапија за пациентите со КОВИД-19.
-Би сакал да се заблагодарам на Светската здравствена организација и УСАИД за обезбедената опрема, која претставува значаен придонес за нашиот здравствен систем. Со ова дополнително се зајакнува нашиот одговор на КОВИД-19, особено во грижата за пациентите со тешка форма на вирусот. Воедно, сакам да потсетам дека пандемијата е далеку од завршена и дека нашиот здравствен систем мора да остане подготвен и опремен за да спасува животи. За таа цел, заедно со Комисијата за заразни болести во континуитет ја следиме состојбата и искуствата од регионот, рече министерот за здравство, д-р Беким Сали.
Д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО во Северна Македонија и в.д. Шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје, истакна дека „Од почетокот на пандемијата, ние сме посветени да ги поддржуваме националните здравствени во одговорот на КOВИД-19, и со техничка соработка и со опрема“. „Со ублажување на недостигот на медицинска опрема во назначените центри за КОВИД-19, не само што ги поддржуваме здравствените работници во критичните моменти, туку и подготвеноста на здравствениот систем за задоволување на идните, долгорочни потреби.
Покрај денешната донација, СЗО и УСАИД во изминатите два месеца обезбедија и дополнителна ИТ опрема во вредност од 836.908 денари за надградба на ИКТ инфраструктурата на Оперативниот центар за итни случаи за јавно здравје и 10-те регионални центри. Исто така, 932.530 денари ИТ опрема беше обезбедена на Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје за поддршка на одговорот на пандемијата.
-Пандемијата на КОВИД-19 не е завршена, но оваа пандемија не принуди на глобално ниво да ги препознаеме недостатоците на здравствените системи во однос на одговор на ваква јавноздравствена криза. Медицинската опрема што ја доставуваме денес ќе одговори на некои од тие недостатоци – не само за лекување на пациенти со КОВИД-19, туку и за други на кои им е потребна интензивна нега и следење, особено за респираторни заболувања. Горди сме што продолжуваме со партнерството со СЗО и Министерството за здравство во нашиот заеднички одговор на КОВИД-19, кој исто така има за цел да го зајакне здравствениот систем на Северна Македонија, рече Џејмс Стајн, в.д. Претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.
Покрај обезбедувањето биомедицинска и ИТ опрема, како и реагенси и набавки за тестирање COVID-19, СЗО придонесува во националните напори преку партнерство со УСАИД за голем број други иницијативи, вклучително и градење на здравствениот систем за подготвеност за итни случаи и капацитети за одговор на земјата за време на пандемијата со КОВИД-19, развој на оперативен центар за итни случаи на јавно здравје и разузнавачка мрежа со 10-те регионални центри за јавно здравје низ целата земја; поддршка на градењето капацитети на здравствената работна сила, со цел што подобра подготвеност и одговор, како и борба против дезинформациите за да се зголеми довербата во процесот на вакцинација против КОВИД-19.