Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерство за одбрана оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, по повод завршувањето на нејзиниот амбасадорски мандат во земјава.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска изрази голема благодарност до амбасадорката Галовеј за нејзиното лично залагање и несебичната поддршка за нашата земја во процесот на интеграцијата во НАТО и Европската Унија и особено за нејзиното залагање за развој на армиските капацитети.

-Таа потенцира дека средствата и опремата кои беа донирани од страна на Обединетото Кралство особено во поглед на опремување на Лесната пешадиска баталјонска група и единицата за АБХО, советодавната улога во насока на подобрување на оперативните способности на Армијата и процесот на трансформација, но и за школувањето, заедничкиот тренинг, развојот на декларираните НАТО единици, развојот на родовата перспектива, се дел од вкупната соработка со Обединетото Кралство, се вели во соопштението од МО.

Петровска и Галовеј го истакнаа значењето на досегашната интензивна соработката на двете земји во областа на одбраната и изразија обострано задоволство за постигнатото во изминатиот период и посочиле дека оваа соработка ќе продолжи со ист интензитет.

Амбасадорката Галовеј нагласи дека Велика Британија ќе продолжи да ја поддржува нашата Армија преку обуки, заеднички вежбовни активности, како и школувањата во високите одбранбени школи. Како пример ја посочила вежбата „Брз одговор – 22“ каде, како што рекла, на дело се покажало како заедно функционираат сојузниците, односно се покажале заедничките способности на армиите и нивната интероперабилност која се градела во изминатиот период.