Собранието ќе донесе одлука дали ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ и ќе донесе заклучоци откако Владата до пратениците ќе го достави европскиот предлог, билатералниот протокол и уште еден документ, изјави денеска претседателот на Владата Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Ковачевски информираше дека откако ќе заврши консултативниот процес за европскиот предлог, билатералниот договор и уште еден документ ќе бидат испратени во Собранието и дека координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии ќе разговараат за овие предлози. Тие, како што рече тој, треба да донесат одлука и заклучоци и ќе и дадат задолженија на Владата тоа да го споведат.
-Во Собранието се застапени претставници на сите парламентарни политички партии и тие таму ќе имаат состаноци на коишто ќе учествуваат нормално претставници од нивните редови и коишто треба да расправаат по однос на заклучоците во врска со европскиот предлог којшто го имаме добиено од ЕУ. Сметам дека и претседателот Мишел беше многу јасен во својата експликација дека ние имаме предлог којшто ни овозможува веднаш започнување на преговорите со ЕУ. На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги почнеме преговорите и со какви заклучоци и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе и да го операционализира во врска со одлуката која што Собранието ќе ја донесе, рече Ковачевски.
Европскиот предлог, потенцира тој, е предлог на 27 земји – членки на ЕУ, а тука со нас на прес-конференција и гостин на државата денес е претседателот на Европскиот совет во којшто членуваат сите лидери на тие 27 – земји.
Премиерот кажа дека европскиот предлог не бил предмет на разгледување на денешната седница на Владата, на која беше најавено и присуство на претседателот на ЕС Мишел.
-Секој граѓанин може да го види предлогот што ги вклучува и пратениците, односно членовите на Парламентот. На ресорните министри е да го објаснат тоа на граѓаните кои преку медиумите сакаат да се информираат за детали во однос на доставените документи. Граѓаните во оваа држава се претставени преку свои народни избраници, преку членови на Парламентот. Тие народни избраници согласно своите уставни надлежности ја носат одлуката, носат заклучоци и даваат задолжение на Владата која што како извршна власт треба тоа да го спроведе, повтори Ковачевски на прес-конференцијата.
Не се работи дали претседателот Мишел ќе убеди некого, дали претседател на влада ќе убеди некого, дали министер ќе убеди некого, потенцира премиерот, работата е претставниците на народот, политичките партии, пратениците во Собранието да донесат одлука дали државата ќе отпочне преговори со ЕУ или државата нема да отпочне преговори со ЕУ и тоа е одлуката која што е пред нас.
Претседателот на Европскиот совет Мишел, кој според премиерот изразил желба да дојде во Скопје, денеска во Собранието ќе има средба со спикерот Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи.
Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во однос на владината коалиција, имајќи предвид дека три партии не се согласуваат со овој предлог, беше дециден дека коалицијата е стабилна и посочи дека денеска имаше седница на Влада на која биле присутни сите министри.