Од потрошувачите во Словенија е побарано како мерка на претпазливост, да внимаваат на потрошувачката на природниот гас.
Словенечката Агенција за енергетика објави ниво на рано предупредување како дел од кризниот план за информирање на јавноста за можни прекини во снабдувањето во иднина, во случај на намалено снабдување со гас од Русија, јави словенечката новинска агенција „СТА“.
Во моментов непречено е снабдувањето со гас за Словенија и снабдувањето на потрошувачите, наведува Агенцијата за енергетика. Засега не се знае дали ќе има прекин.
Министерот за инфраструктура Бојан Кумер рече дека тоа е само „фаза за рано предупредување“, бидејќи испораките на гас за Словенија продолжуваат непречено.
-Испораките на природен гас се на ниво од минатата година, испораките се вршат врз основа на однапред склучени договори и не очекуваме проблеми на краток рок, рече тој.
Минатата година вкупната потрошувачка на природен гас во Словенија се зголеми за шест отсто на 10.163 гигават-часови, што е најголема вкупна потрошувачка од 2010 година, соопшти Агенцијата за енергетика.
Вкупната потрошувачка е зголемена за сите корисници на гас. Потрошувачката на домаќинствата што сочинува околу една третина од вкупната потрошувачка, се зголемила за речиси 12 отсто, додека потрошувачката вон категоријата домаќинства се зголемила за повеќе од девет отсто во споредба со 2020 година, јави „CTA“.