Според курсната листа на менувачниците во Македонија, доларот се изедначи со еврото, за првпат по речиси дваесет години. Пред почетокот на војната во Украина, во февруари годинава, доларот се разменуваше за 55 денари, додека денеска отприлика колку и еврото, околу 61,5 денари. Доларот денеска се изедначи на берзите во светот, што значи дека вредноста на еврото е пониска за повеќе од 12 отсто во однос на вредноста од почетокот на годината.
На курсната листа на Народната банка според среден курс во денари, еврото изнесува 61.5381 денари, додека доларот 60.9409.
Во приватни менувачници продажниот курс на еврото и на доларот се изедначени, со разлика од половина денар од менувачница до менувачница, а во банките продажниот курс на доларот е и повисок во однос на еврото.
Ваквите движења на валутите внесоа загриженост на финансиските експерти кои сметаат дека е тоа лошо за заздравување на глобалната економија. Особено се смета дека состојбите ќе одат на полошо на европскиот континент.