Поранешниот филипински претседател Фидел Рамос, кој ја водеше земјата низ редок период на филипински мир и напредок, почина денеска на 94-годишна возраст, објавија високи претставници.
Овој војник од кариера беше претседател на земјата од 1992 до 1998 година.
-Со голема тага дознавме за смртта на поранешниот филипински претседател Фидел В. Рамос, рече Трикси Круз-Анџелес, портпаролка на сегашниот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, син на починатиот филипински диктатор, кој стапи на должност минатиот месец.
-Рамос зад себе остави живописно наследство. Историјата ќе го памети по неговото учество во големите промени во нашата земја, како воен офицер и врховен командант на воените сили, додаде таа.
Се очекува семејството на Рамос подоцна во текот на денот да објави соопштение за неговата смрт.
Делегацијата на Европската унија на Филипините изрази сочувство, опишувајќи го Рамос како „посветен државник“ кој „бил столб на демократијата“.