Искорнати кабли, оштетени кутии, извлечени кабли, уништени струјомери… Ова беше сликата на која вчера наидоа екипите на ЕВН во Арачиново. Увидот во електричната мрежа и лоцирањето на местата каде што се краде струјата ќе продолжи и денеста. Токму овие зафати со извлекување на каблите и уништените кутии во кои се струјомерите е причината за честите дефекти во електричната мрежа во оваа општина.
Од ЕВН велат дека ова е прва фаза во која се врши проверка на мрежата, лоцирање на дефектите и местата каде се краде струја, а потоа ќе се спроведува планот за реконструкција на мрежата и дислокација на броилата кои во меѓувреме се уништени од локалното население. Времетраењето на оваа фаза може да трае и со месеци, додаваат од ЕВН.
Претходните обиди на ЕВН да испратат екипи во Арачиново најчесто завршувале со вербални расправии и физички пресметки. Од ЕВН велат дека полицијата ретко кога доаѓала да помогне. Според пресметките на компанијата, во Општина Арачиново годишно се краде струја вредна шест милиони евра.
Во договор со Министерството за економија, ЕВН со овие интервенции ќе продолжи и во Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево, каде исто така се регистрирани кражби на струјата кои на ниво на држава се околу 100 милиони евра.