Милиони луѓе се евакуирани од оддалечените села во јужен Пакистан, додека регионот во страв го чека пристигнувањето на водата што се спушта од северот на земјата, соопштија локалните власти.
Спасувачките напори во провинцијата Синд, најпогодената провинција во серијата поплави од средината на јуни, се поддржани од воени хеликоптери и чамци, изјави портпаролот на провинциската влада Муртаза Вахаб.
– Тоа е трка со времето, рече Вахаб, кој ја надгледуваше евакуацијата.
Пакистанската река Инд, која тече од Хималаите до Арапското Море на југ, повторно се излеа по обилните дождови во планините минатата недела.
Речиси 20.000 кубни метри вода во секунда тече низводно и наскоро ќе стигне до големите градови во Синд, предупреди агенцијата за управување со катастрофи.
Во поплавите досега загинаа 1.208 лица, а се очекува тој број да се зголеми, соопшти агенцијата.
– Се обидуваме да дојдеме до луѓето кои сè уште се среде вода, без храна или засолниште, изјави Рустам Џамали, спасител од градот Даду во провинцијата Синд.
Агенциите на ОН предупредија дека милиони деца и бремени жени се загрозени и имаат потреба од итна хуманитарна помош.
Во северниот дел на земјата, неколку градови сè уште се поплавени иако дождот престана пред една недела, а илјадници луѓе се без храна и засолниште.