Во рамки на Самитот „Отворен Балкан“ во Белград ресорните министерства од Северна Македонија, Србија и Албанија денеска потпишаа договори и меморандуми за соработка, во присуство на премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.
Потпишани се договори за механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан помеѓу министрите за земјоделство на трите држави, Љупчо Николовски, Фрида Крифца, Бранислав Недимовиќ.
Исто така, потпишан е Меморандум за разбирање и соработка во областа на конематографијата и аудиовизуелните дејности помеѓу министрите за култура од Република Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска, од Република Србија Маја Гојковиќ и од Албанија Елва Маргарити. Во рамките на Самитот Отворен Балкан беше потпишан и Оперативен план во областа на цивилната заштита помеѓу директорите на трите држави.
-Овие договори и Меморандумот, уште повеќе ја зацврстуваат соработката на земјите од Отворен Балкан и нудат можност за зближување, зајакнување и обезбедување безбедна иднина за граѓаните на трите држави, беше порачано на потпишувањето.